Фото: Игор Бансколиев

Француска лекција за Македонија

На самиот почеток од своето претседавање со Европската Унија, Франција го отстрани знамето на ЕУ од пред Триумфалната капија, со образложение дека со неговото истакнување се загрозуваат францускиот идентитет и посебност. Претходно Франција цврсто и енергично истапи и во одбрана на францускиот јазик, нагласувајќи дека ако пристигне писмо од Европската комисија на англиски јазик, тоа ќе остане без одговор. Што може Македонија да научи и да извлече како поука кога станува збор за заштита и одбрана на нашите идентитетски обележја

Франција го започна претседавањето со Европската Унија со „своевиден преседан“, откако по притисоците од дел од француската јавност беше отстрането европското знаме од Триумфалната капија, со образложение дека со неговото истакнување се загрозува францускиот идентитет.
Ова е најдобар пример како земјата, која е една од основачите на Унијата, ги штити сопствениот идентитет и култура на сите можни начини, наспроти Македонија, која заради некаква многу далечна, замислена, имагинарна цел ги распродава своите идентитетски обележја, почнувајќи од знамето, историјата, културата, името, за на крајот и јазикот да се најде на преговарачката листа.
Македонија сето ова го прави без јасно определена европска иднина и без никаква гаранција за идно членство, додека во исто време Франција, но и многу други полноправни земји-членки на ЕУ, со сите сили ги бранат позициите што ги отсликуваат и дефинираат како посебни народи со сопствен идентитет, јазик, историја и култура.
Од друга страна, Македонија подлегна под притисоците на соседите и прифати да го менува името на државата, со тоа и на идентитетот на народот, сето тоа дополнето со промена на историјата и јазикот. Ова говори за отсуство на државотворен капацитет и стратегија штом се прифаќа во име на некаква неизвесна европска перспектива да се преговара за работи, кои на европските членки не им се прифатливи и за кои никогаш не би прифатиле да разговараат, а уште помалку да преговараат.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Франција сега во име на заштита на националниот идентитет го отстрани знамето на ЕУ од Триумфалната капија, Чешка и Словачка минатата година ги блокираа заклучоците на Советот на ЕУ затоа што беше загрозена нивната историја, Велика Британија ја напушти ЕУ затоа што почувствува дека е под удар нејзиниот суверенитет, Полска застана во одбрана на домашното правосудство, повеќето земји ги воспоставија одново границите во шенген-зоната кога проценија дека пандемијата е закана за нивната национална безбедност…

Сите овие мерки говорат дека земјите-членки на ЕУ не прават никакви компромиси кога станува збор за нивните национални интереси и идентитетски обележја, за разлика од Македонија, која тргува со овие свети симболи и обележја на народот и државата.
За дипломатот Драган Јањатов веќе е доцна да е следи францускиот пример во заштитата на идентитетот, бидејќи Македонија веќе најавила подготвеност за отстапки и тоа ќе се реализира.
– Се плашам дека за нас е веќе доцна, снежната топка почна да се тркала и ќе стане лавина. Требаше навреме малку поостро да застанеме во одбрана на идентитетските атрибути, бидејќи сега веќе сето тоа е ставено на некаква хартија и ќе се врши притисок да се направат нови отстапки. Колку и до каде ќе се оди, никој не знае – вели Јањатов.

Тој се согласува дека македонскиот идентитет целосно се потиснува заради некаква европска идеја, која не е извесно дали и кога ќе се реализира.

– Не знам дали нашиве политичари се плашат од етикетирање за национализам, па се прават поголеми Европејци од самите Европејци. Кога може една Франција со толкав број жители да застане и да побара заштита на сопствениот идентитет, зошто и ние да не го правиме истото тоа. Идентитетот е важен за секоја земја, од најмала, до најголема и треба да се опстојува и тој да се брани на сите начини. Со иста жестина треба да се брани и јазикот, затоа можеби сега е крајно време барем малку, ако и за тоа не е доцна, да се следи тој француски пример на пркос – нагласува Јањатов.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е на ставот дека домашните политичари непотребно го потиснуваат македонскиот идентитет, на сметка на некаков европски.
– Прво и основно правило е дека треба себе да се почитуваш, за да те почитуваат другите. Ако не се почитуваш себе и она што си, не можеш да очекуваш другите да те почитуваат. Јас имам чувство дека добар дел од македонските политичари се срамат да се идентификуваат како Македонци. Тие во намерата да се декларираат како Европејци, го минимизираат нашиот идентитет само за да ѝ се додворат на Европа, што, според мене, е тотално погрешно. Големите земји, еве тоа го покажува и примерот на Франција, не го прават тоа – вели Пекевски.

Според него, своевремено во земјава се градел исклучително моќен национален идентитет што ги поставувал македонските позиции над сите други, вклучувајќи и над европските, но низ годините овој тренд се променил.

– Едно време ние имавме сериозен идентитет што се јакнеше преку разни активности, но сега е забележливо дека тоа е минимизирано. Најдобар показател за тоа се кабинетите на дел од министрите и градоначалниците во земјава, во кои стојат странски знамиња заедно со македонското, а некаде и без него. Ако е тоа така, како можеме да очекуваме да имаме силен македонски идентитет и тој идентитет и национално чувство да се бранат на сите страни кога знамиња на странски држави слободно се виорат насекаде низ земјава – категоричен е Пекевски, притоа додавајќи дека државното знаме не може да се изедначува со другите.

– Малку повеќе треба да се почитува тој идентитет тука, а потоа да бараме од Европа да ги почитува нашиот идентитет, јазик, историја и култура – заклучува Пекевски.


Француските искуства наспроти македонскиот нихилизам

Како се брани јазикот

И додека Македонија е под притисок на соседна Бугарија да се откаже од сопствениот јазик и да прифати бугарско толкување за потеклото на македонскиот јазик, актуелниот претседавач со ЕУ, Франција, на најдобар начин покажа колкава е важноста на мајчиниот јазик за еден народ.
Имено, во пресрет на претседателството на земјата, француските дипломати изјавија дека сите клучни состаноци на Советот на ЕУ ќе се водат на француски јазик (со преводи на располагање). Белешките и записниците ќе се водат на француски. Дури и подготвителните состаноци ќе бидат спроведени на француски јазик.
Ако пристигне писмо од Европската комисија на англиски јазик, тоа ќе остане без одговор, пишува „Ле франсе несире“.
Францускиот јазик, се разбира, е официјален јазик на ЕУ (еден од 24) и еден од трите работни јазици на Комисијата за Европа, а Франција го користеше претседателството со ЕУ за промовирање на францускиот јазик и порано.
Но француските власти признаваат дека во 2022 година заживувањето на францускиот јазик е прашање на културен опстанок за сите.
Тие тврдат дека туркањето на француски јазик во преден план е начин да се запре наездата на англискиот јазик, кој, според нив, е преполн со новородени ексцентричности во корист на живата повеќејазичност.