Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очекував да освојам медал од Токио, тој многу ми значи, ми дава уште поголем мотив да продолжам со тренинзи, успешни настапи и да продолжам да чекорам кон Летните олимписки игри во 2024 година во Париз, па од таму да го донесам посакуваното злато

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ, СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА

Дејан Георгиевски (22), таеквондистот на ТК Бутел од Скопје и на македонската репрезентација, го обележа македонскиот спорт во годината што полека изминува. Освоениот сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио, на момчето што за брзо време се втурна во врвот на светското таеквондо, всушност е и најголем успех што воопшто еден македонски спортист го остварил во независна Македонија. Сребрениот медал на Георгиевски (кој во септември дипломира на Универзитетот за туризам и менаџмент, на Факултетот за човечки ресурси, а сега е на магистратура), всушност проби нова бариера за македонскиот спорт.
Како ја оценувате годинава на спортски план?
– Очекував да освојам медал од Летните олимписки игри Токио, а тоа го најавив уште и пред да обезбедам норма за олимписки настап. Не е златен, но освоив сребрен, кој многу ми значи, ми дава уште поголем мотив да продолжам со тренинзи, успешни настапи и да продолжам да чекорам кон Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, па од таму да го донесам посакуваното злато.
Како се справувате со популарноста по Летните олимписки игри по Токио?
– Мојот успех не е само мој, тој е за целата држава, македонскиот народ, оти да не беа тие, сигурно и јас немаше да успеам во Токио. Народот е тој што ми дава позитивна енергија и мотив плус да постигнувам уште нови големи резултати на татамите.
Што не успеавте да реализирате, а планиравте да направите во 2021 година?
– Можеби одложеното Светско првенство (СП). Но од друга страна, подобро е што се одложи, оти мојата форма беше темпирана за Летните олимписки игри во Токио, па сигурно за Светското првенство ќе беше во надолна линија. Жалам и за поразот во првото коло на Европското првенство (ЕП), но, повторно ќе кажам, можеби токму тој пораз беше чекорот што нѐ доведе до размислување што треба да коригираме за да се надминат тие несакани пречки, односно да постигнуваме пак добри резултати. По неколку недели успеав да се квалификувам на Летните олимписки игри во Токио, со што, ете, грешката од Европското првенство влијаеше потоа да постигнам голем резултат.
Колку загуби спортот со пандемијата на ковид-19 и како сето тоа се одрази врз вас на спортски план?
– Долго време немавме натпревари, но за мене беше најважно да се остане психички подготвен. Потоа кога дојдоа настапите на турнирите, тоа секако беше и друг принцип на тренинзи. Спортот во целост можеби изгуби од ковид-19, но токму поради тоа Летните олимписки игри се одложија, што ми помогна оти немавме натпревари, а со базичните подготовки да ја кренам многу повеќе формата и да се подготвам за Токио.
Што очекувате во 2022 година на натпреварувачки план?
– Светското првенство е одложено, кога ќе се одржи не знам, а Европското првенство е во мај, во Манчестер. Мислите ќе бидат насочени и кон Летните олимписки игри во Париз, иако има време дотогаш, но поени ќе мора да се собираат уште од идната година. Моментно сум петти на олимписката листа, што значи дека сум квалификуван, оти директно се пласираат првите шестмина, а другите преку квалификации. Но тоа место треба да се задржи, а тоа може само со освојување поени на европските и на светските првенства и на големите турнири. Уште во јануари почнуваме со базични подготовки за таа цел.


Децата што повеќе да спортуваат

Што би им препорачале на сите оние деца што сакаат да ги следат вашите стапки?
– Што повеќе да спортуваат, да тренираат некој спорт, да ги слушаат своите тренери и тоа што ќе си го постават како спортска цел да го остварат во иднина. Ете, јас го скршив мразот со сребрениот медал од Токио и со досега најголемиот успех на едни летни олимписки игри, па посакувам така и тие млади спортисти во иднина да донесат медали од европски и од светски првенства и од олимписки игри.


Уживам кога шетам во Градскиот парк, на Скопска Црна Гора…

Што правите во слободното време?
– Во слободното време, кое малку го имам, најчесто сакам да одморам по напорните тренинзи, да го прошетам моето куче, да прочитам некоја добра книга. Најчесто уживам кога шетам во Градскиот парк, оти тоа ме опушта, потоа на падините на Скопска Црна Гора, како и кога сум во моето маало. Омилена храна? Пастрмка, гарнирана со компири.

[email protected]