Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Петар Андоновски, Андреа Делипапаз и Фросина Крушкаровска, одлучи наградата за 2021 година да ја додели на збирката раскази „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска.
Од вкупно 19 ракописи кои влегоа во конкуренција, во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на пет автор(к)и: Ана Алексовска со „Урбана сликовница на она што никој не го забележува“, Марија Ангеловска со „Глава што лебди“, Димитар Арнаудов со „Генерална теорија на лудилото“, Ива Дамјановски со „Четвртиот ѕид (експериментална наива во 7 димензии)“ и Јордан Николов со „Балоните над Конзулвил“.
– Она што на прв поглед е допадливо во првата збирка раскази на Марија Ангеловска, составена од 15 раскази, е нивната младешка воодушевеност и енергизираност од светот. Таа ѕирнува зад аглите на секојдневието и го очудува на еден детски игрив начин. И во повремените истражувања на загадочните аспекти, на болката и стравот, нејзините раскази задржуваат тон на надеж и затскриена радост.
Ангеловска претпазливо но смело ѕирка отаде видливото, кое постои само како една од можните димензии. Токму таквото измолкнување на наративот од читателските очекувања е она што можеби највпечатливо го диференцира овој ракопис. Штом читателот ќе се раскомоти во удобноста на познатата приказна, таа ненадејно се преслекува во нешто друго. Ваквите игри Ангеловска ги прави меко и досетливо, обрнувајќи значајно внимание на психолошката градба на ликовите и на стилистичките финеси на текстот. Тоа често го прави со внесување на чудесното и фантастичното сред навидум реалистичниот текст.
Незаобиколлив е и лесниот и шармантен хумор кој природно и навидум случајно произлегува од игривите и неочекувани пресврти. Во него најмногу можеме да ги препознаеме жителите на Скопје и предизвиците во нивното секојдневие, пренесени со автоиронија и непретенциозност, можеби повеќе од желба за интеракција со светот отколку за критичност.
Ангеловска покажува и интерес за луѓето на маргините, за чувството на оттуѓеност и неприпаѓање. Доколку продолжи да пишува, а веруваме дека ќе продолжи, би можела да ја продлабочи таа димензија на нејзините текстови. На друга линија, пак, би можела да се охрабри да истражува нови светови, сензибилитети и на тој начин да го рашири својот авторски дијапазон. Сепак, расказите се привлечни поради леснотијата и непретенциозноста, и возбудливи поради можноста ем за игра, ем за промислување на светот – стои во образложението oд жирито.