Трговците на мало во Германија повторно се разочарани од клучната божиќна потрошувачка сезона, објави Здружението на трговците во земјата.
– Божиќната сезона беше катастрофа за трговците втора година по ред – рече Стефан Гент, генерален секретар на Германското здружение на трговци на мало (ХДЕ), мислејќи на анкетата спроведена од страна на Здружението меѓу деловните лидери на 750 компании.
– Многу малопродажни компании веќе немаат никакви илузии и стравуваат за опстанок – додаде Гент.
Божиќниот бизнис почнал добро во ноември, но потоа беа воведени регулативи, кои бараа клиентите во многу продавници да влезат со сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19. Тие ограничувања довеле до пад на приходите и на бројот на клиенти во продавниците.
Според претставниците на клучниот сектор на германската економија, повеќе од три четвртини од трговците на мало, кои не се прехранбени производи, се незадоволни од божикниот промет, кој минатата недела бил 35 отсто помал отколку во периодот пред кризата, покажа истражувањето на ХДЕ.
Состојбата е особено лоша во центрите на градовите, велат оттаму, каде што прометот е намален 36 отсто од нивото пред кризата, а бројот на клиенти е намален 42 отсто.
Со оглед на ваквите резултати од истражувањето, ХДЕ повторно ги повика властите да им помогнат на компаниите шѕо имаат потреба.