Во обид да ги охрабри брачните двојки, папата Франциско рече дека пандемијата ги влошила постоечките проблеми во некои семејства, ги повика паровите да побараат помош и потсети дека трите клучни зборови во бракот се: молам, благодарам и извини.
Папата напиша писмо до брачните двојки, кое беше објавено денеска, на католичкиот празник на Светото семејство, со кој се слави споменот на семејството на Исус.
Тој во писмото вели дека блокадите, ограничувањата и карантинот ги принудиле семејствата да поминуваат повеќе време заедно и истакна дека ваквата наметната заедница го тестирала трпението на родителите, браќата и сестрите, а во некои случаи доведувала и до тешкотии.
„Постоечките проблеми се влошија, создавајќи конфликти кои во некои случаи беа речиси неподносливи. Многумина ги прекинаа врските“, напиша папата, нудејќи блискост со семејствата, потсетувајќи ги родителите дека разводот е особено тежок за децата кои ги гледаат своите родители како постојан извор на стабилност, љубов, доверба и сила.
Папата денеска укажа на падот на наталитетот во Италија, предупредувајќи дека тоа претставува закана за иднината на земјата, а фактот што сè помалку парови сакаат деца го нарече трагедија.
„Демографската зима е причина за загриженост, барем кога станува збор за Италија. Изгледа дека многу луѓе ја изгубиле желбата да имаат деца. Многу парови претпочитаат да бидат без деца или да имаат само едно дете, а тоа е трагедија. Тоа е спротивно на нашите семејства, земјата и иднината“, вели Папата.