Лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, македонскиот премиер, Зоран Заев, српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија и домаќин на Самитот, Еди Рама, заедно со нивните тимови, денеска во Тирана потпишаа пет договори кои беа најавени на промоцијата на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули годинава.
Како што информираат од владината прес-служба, денеска во Тирана меѓу владите на Албанија, Србија и Македонија се потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
„Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во земјите потписнички на договорот. Со одредбите од договорот се поедноставуваат процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ, со што се прави чекор повеќе кон прифаќање на вредностите и практиките во Европската Унија.
Со Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан им се овозможува на граѓаните на Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на овие земји преку креирање на електронска идентификација „Отворен Балкан“ остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во трите земји, како и за други услуги од сферата на бизнисот и други области од заеднички интерес за граѓаните од регионот.
Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика ги уредува формално-правните аспекти на ова прашање и ќе ја олесни трговијата со животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети“, се наведува во владиното соопштение.
Покрај тоа, за исполнување на одредбите и за ефикасност во остварување на придобивките од овие договори, денеска во Тирана се потпишани и билатералните договори меѓу македонската влада и Советот на министри на Албанија и меѓу владите на Албанија и Србија за взаемно признавање на одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност.
„Со овие договори се воспоставува соработката, заснована врз заеднички стандарди и взаемно признавање на резултатите од спроведените контроли и ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на Спогодбата, но и пошироко.
Овие договори носат повеќе придобивки како што се полесен пристап и поедноставни царински постапки, намален број на физички и документациски контроли од царинските органи, избор на местото за контрола како и други директни и индиректни поволности.
Сето ова треба да придонесе за остварување на целите на регионалната соработка како што се намалување на времето на спроведување на царинските постапки за стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на националниот, регионалните и европските пазари“, се наведува во соопштението од Самитот.
На состанокот на лидерите на трите земји од „Отворен Балкан“ што претходеше на потпишувањето на договорите беше истакнато дека од првата средба во Скопје во јули до потпишувањето на договорите денеска во Тирана, владите на Албанија, Србија и Македонија, силната политичка волја ја трансформирале во ефикасни резултати на институциите за спроведување брзи и напредни реформи и политики за регионална соработка.