EXPERIMENTUM MACEDONICUM

Ако не ја научивме „преспанската“ лекција, како дотогаш врвен израз на меѓународниот experimentum Macedonicum, тогаш веројатно и нема што друго да се стори. Експерименталните глувци веќе не се луѓе, немаат ни чувство за себе ни за елементарно достоинство. Трасата на експериментот и на конечниот национален инженеринг веќе не се ни крие: бесрамно се лицитира со денови, месеци најмногу, за изнаоѓање брзо финално решение на „спорот со Бугарија“. Тоа е само навестување на почетокот на агонијата, која низ неколку генерации, ќе доведе до целосно исчезнување на македонското прашање. Ова никогаш и не било поврзано со т.н. европска интеграција. Колекцијата на вета и уште повеќе реалната состојба на вредносен, социјален, економски и геополитички план во ЕУ доволно зборуваат за „транзиција кон утопија“, која не само што нема да ја доживееме туку е и голема лажга. Ова денес е прашање на опстанок на македонскиот народ, на неговиот веќе длабоко разнишан и распродаден идентитет, пред земјите-членки на онаа Унија пред која коленичиме. Онака како што му аплаудираа на Преспанскиот договор, со ист жар ќе прифатат „секое заемно прифатливо решение“ меѓу Софија и Скопје. Има ли некој нормален што верува дека поништувањето на една мала нација е европска вредност или критериум и дека ЕУ е невина?
Нека не ве залажуваат божемните коалициски групировки, внатрепартиски реформи и кадровски промени – сликата е таа на брод што (предвидливо) тоне, а најдобар знак за тоа се стаорците што први го напуштаат. Инсталиран е привремен кормилар (со сидрото што уште влече напред), но и оркестарот на „Титаник“ свири за да ја намали паниката кај оние што е извесно дека се одамна жртвувани. Егзилот отсекогаш беше нивната главна опцијата: од набавката на возило за напуштање на земјата на разузнавачот-свиркач што божем ја откри „вистината за Македонија“, па до денешните подготвени јахти и хациенди.

Би пишувала за фашизоидната политика на Бугарија, но не е до нив – до нас е! Кога Гоце велел дека не познава друг народ што повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот, не можел ни да го замисли она што ние го сведочиме: денешните синови и ќерки не само што ја предадоа туку и ја распродадоа Македонија, државата што во меѓувреме израсна низ битки и саможртви. Денешните Каини нанесоа толкава доза на разнебитување, што зад нив остануваат само пепел, урнатини и чемер. Тоа што ќе заминат од политичката сцена не е повод ни за радост (ни краткотрајна, дури), па ни за злорадост. Ветеното мораат да го завршат. Оној збунет анонимус-лидер кого не го познаваат ни членовите на неговата партија во распад, ја доби „историската улога“ да не биде ни спомнат за Нобел, ама да биде запомнет како „лидер“ што го удрил последниот клинец во подготвениот ковчег на Македонија. За стаорците, статистите, ве-де стечајните работници и нивните (познати) експерти, кои ќе им советуваат како да најдат решение што ќе ја задоволи разулавената бугарска националистичка страст, воопшто не треба да мислиме – тие ја вршат добиената задача со опсесивна посветеност на давеници. Знаат тие добро дека немаат отстапница, дека ова нема никој да им го заборави и прости, па затоа туркаат кон бездната, во која ќе се удават самите, ама повлекувајќи нè со нив – за „наше добро“, за „повисоко добро“, за некаква фантазмагорија… За заборав!

По овој завршен удар што ни го подготвуваат нема да вреди она „колку сме толку сме, токму сме“ – бидејќи идејата е да прифатиме дека нè нема, дека никогаш не сме ни постоеле, дека вакви немаме иднина и дека мораме да се престориме во Европејци, во нешто подобро од ова што сме (бидејќи, нели, да бидеш Македонец е бедно и мизерно, срамно и назадно). Попусто ќе биде тогаш да обвинуваме, да плачеме и да објаснуваме дека нè превариле, дека нè завеле. Ниту некој ќе чуе ниту ќе има некој ефект. Пред преспанската операција барем дел од интелектуалната и пошироката јавност го дигна гласот и се бореше до крајот – т.е. до промената на Уставот. Денес како да сме парализирани во пресрет на неизбежното. А ова е само репетиција на истата уиграна епизода – со единствена разлика што на Бугарите подоцна им текнува, па дури сега го бараат она што повештите Грци го добија, со иста покорност, ако не и поголема, со исти „гаранции“ ако не и поголеми, со вечни клаузули и, се разбира, со отворање на Уставот за божемни човекови права. Потпомагачите однатре се истите, ене ги на секоја телевизија. И резултатот го знаеме, но она пред што веројатно уште мижеме е дека бугарската капитулација е навистина последната – по неа нема да остане ништо македонско, ништо што би ни останало како наша идентитетска, културна, човечка одредница. Таа ќе биде историска приказна за еден мазохистички народ што се самоукинал и самоизбришал – буквално за НИШТО!!! Па дури и да е за НЕШТО, може ли такви ситни души да се наречат народ?
Можеби ова звучи како патетичен (а и задоцнет) апел: а бре Македонче, каде се спремаш? Борба те чека, борба за да бидеш Македонец! Велам задоцнет, историски и вонвременски е овој миг, којшто уште одамна го опеа поетот низ метафората за нашата „Каинавелија“, синдромот на самодеструктивност на внатрешните македонски делби. Да биде иронијата поголема, над овие делби ронеа солзи „видни интелектуалци“ (засолнати во странство, како Кица Колбе) откога го пофалија семето на новиот раздор посеано на Нивици и ги видоа неговите резултати. Ова последно софиско допишано сценарио, само треба да го втемели тој синдром за „вјеки вјеков“, со устав или без него – ако им дозволиме.

Веќе сум си здодевна и себеси: па до кога очевидните факти ќе ги повторуваме, до кога ќе кажуваме дека од своите си страдаме, дека „братската љубов“ од Софија ниту е човечка ниту е несебична? Веќе не ме интересира кој се нарекува Каин, а кој Абел, бидејќи играта на покажување со прст, на (пре)именувања и етикетирања е токму дел на тоа сценарио од кое се раѓа шашма во која не си сигурен кој е кој и кој кого симболички го убива. Навираат стиховите на Прличев: „… лицем светци, срцем в’лци. Ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв. Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, Да се мрази син со татка и со брата брат. И ќе викнете до Бога и крило не ќе најдете, Смирени ќе наведете глави доземи. Ќе ми бидете сираци; така било написано“.
И не знам веќе дали е паметно да си ги шепотиме овие стихови за наведнати глави, за сираци на кои им е така пишано. Ако имало момент последниве години во кој ни требале охрабрувачките пораки од „Тешкото“, тоа е денес, како никогаш порано. Треба да се потсетиме дека од вековно ропство, овој народ, иде, но носи тој в срце дар златен и пој, а пченицата негова триж плодна ќе биде, и животот негов – ама само ако стане „народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро!“ И ако до старците момци се фатат скокум; да не издржа срце – сив сокол во клетка, да не издржа пламен жив потулен во око, да не издржа младост што сака да летне! Да се залула оро, да се заврте земја, за да се (ис)корне стресениот век, а околу да трпнат ридиштата темни и да враќаат ек. Свесна сум дека интелектуалците се најголемите предавници на ова време, а сепак и тие мораат да дигнат глава – или да се соочат со презирот или да се фатат за орото. Друго нема! Нема ни да има. Преговорите со Софија мора да прекинат, веднаш. По толку уставни амандмани, гаранции, декларации, договори, симболички и фактички чинови – ние веќе нема што да сториме за да ја разбудиме совеста кај тој од националромантизам опиен народ. Тоа не е наш проблем, нека си го решаваат бугарските видни луѓе и интелектуалци, освен ако не е тоа израз на европските вредности од 21 век, кои не се промениле од оние колонијалните.

Ако продолжиме да спиеме на увото на приспивната песна на сирените од Брисел, наскоро ќе се разбудиме во туѓа држава (не само во духот на Вапцаров, туку многу поконкретно и со нови внатрешни граници; дури и мојата 90-годишна мајка е свесна за тоа и ме прашува „во кој дел ќе припаднеме ние“). Без Македонци, нема смисла ни македонска држава, ни македонска култура, ни македонски јазик, ни поезија, ни наука… Ова што го бараат Радев или Петков е само ехо на „администраторите“ од Втората светска војна, Тодор Живков, но уште поважно – на оние што биле подготвени во Балканските војни да гинат за да го приграбат ова парче земја. Ако не ја гледаме таа историска фиксација и константа, тогаш си ја заслужуваме судбината на сираци и апатриди, кои ќе молат некој да ги присвои и стави под свое. Но ако сме подготвени за последната битка, таа треба да започне од стаорците што не сакаат да ја делат чорбата што самите ја запржија и ни ја оставија во аманет.