Ќе се намали употребата на тестовите на знаење. Покрај оценката, предвидени се полугодишни и годишни извештаи за напредувањето на секој ученик
Новите наставни програми, кои ги подготвија експерти ангажирани од Министерството за образование и наука, предвидуваат многу измени во образовниот процес. Скоро треба да бидат готови програмите за второ и за трето одделение. Ваквите големи промени следуваат по низата реакции дека децата се преоптоварени со материјал, но и со часови.
– Предвидено е да се воведат и применуваат современи модели на настава и учење, приспособени на животниот стил на учениците. Во програмите се содржат цели и активности за зајакнување на љубопитноста на учениците. Покрај учебниците, ќе се воведат и дополнителни извори за учење. Учебникот веќе нема да претставува главно наставно средство. Се стимулира учење надвор од училницата и засилување на користењето на ИТ-технологијата во процесите на учење. Во секој предмет се запазени трансверзалните компетенции што треба да ги стекнат учениците – појаснуваат во Министерството за образование и наука.
Оттаму додаваат дека клучните компетенции за доживотно учење се третирани како составен елемент во секој предмет. Во целост ќе биде запазен интеркултурниот контекст во секој наставен предмет, а запазен е и развојот на граѓанските компетенции, како и развојот на животните вештини во секој наставен предмет. – Од аспект на програмските промени, ќе се овозможи групирање на предметите. Наставните програми се базирани на целно поставени резултати од учењето. Содржините за учење (особено примерите) соодветствуваат со современото живеење и реалното окружување. Овозможено е и дефинирање на тежинските нивоа на ученички постигнувања базирани на резултати од учењето, за секое одделение посебно. Дневните планови за наставен час повеќе не се задолжителни – велат во МОН. Во употреба ќе останат годишните, тематските и неделните планирања.
– Оценувањето на учениците се реализира според стекнатите компетенции. Ќе се намали употребата на тестовите на знаење. Покрај оценката, предвидени се полугодишни и годишни извештаи за напредувањето на секој ученик. На почетокот на секоја година ќе има состаноци со родителите, за да им се претстават наставниот план и програмите што ќе се работи со учениците и што се очекува од учениците и од родителите – додаваат во Министерството. Наставникот нема да биде обврзан да ги реализира наставните цели според дадениот редослед во наставната програма.
Тој ќе има слобода целите самостојно да ги интегрира, планира и реализира. Предлог-активностите, техниките и стратегиите за учење ќе соодветствуваат со современото живеење и со реалното опкружување. Исто така, предвидено е да бидат исфрлени задолжителните писмени подготовки, кои ќе бидат заменети со неделни, краткорочни и долгорочни планирања. Како што е најавено, на часовите по физичко и здравствено образование се воведува стручен наставник, кој ќе ја реализира наставата заедно со одделенскиот наставник. – На учениците на кои им е потребна дополнителна поддршка, им се овозможуваат активности од наставникот, од друг наставник-приправник или од студенти, во самото училиште – додаваат во МОН.