Заштитата добиена од две дози во комбинација со имунитетот од прележан делта-сој, нуди силна заштита против новооткриената омикрон-варијанта, велат експертите
Новопојавениот сој омикрон поттикна шпекулации дека можеби ќе биде поотпорен на досегашните вакцини против ковид-19 во однос на неговите претходници, па затоа се поставува и прашањето како ќе влијае врз вакцинираните кои примиле две или три дози, пренесува „Гардијан“.
Здравствените експерти сметаат дека имунитетот стекнат од вакцините, како и Т-клетките и антителата добиени со прележување на болеста, ветуваат добра заштита и силна подлога во борбата против новата варијанта, која набрзо по откривањето во Африка беше регистрирана и во други земји низ светот и Европа.
– Досегашните информации од Јужна Африка покажуваат дека голем број од хоспитализираните случаи биле невакцинирани. Тоа покажува дека вакцините сѐ уште нудат солидна заштита против новата варијанта – вели Дени Алтман, професор по имунологија на Кралскиот колеџ во Лондон.
Алтман додава дека Т-клетки, кои ги препознаваат и напаѓаат инфицираните клетки со вирус, го препознаваат вирусниот ризик од новиот сој со кој се соочува организмот.
– Сметаме дека Т-клетките можат да ги препознаат разликите помеѓу ковид-варијантите, така што тоа може да ви овозможи одредена заштита и против омикрон-сојот – рече Алтман.
Иако се покажа дека вакцинираните кои примиле две дози можат да заболат од делта-сојот, шансите да дојде до тоа се приближно три пати помали отколку кај невакцинираните лица. Заштитата добиена од две дози во комбинација со имунитетот од прележан делта-сој, нуди силна заштита против новооткриената омикрон-варијанта, велат експертите.
– Ако сте вакцинирани со две дози, а потоа сте се заразени и опоравиле од делта-сојот, тогаш имате многу широк, значително ефикасен имунолошки одговор, кој веројатно во иднина ќе ја опфаќа речиси секоја ковид-варијанта што може да се појави – смета Дејвид Метјуз, професор по вирусологија на Универзитетот во Бристол.
Од друга страна, дел од експертите сметаат дека е рано да се тврди како ќе се однесува новата омикрон-варијанта.
– Сè уште немаме доволно информации за да знаеме како ќе се однесува новата омикрон варијанта. Сосема е можно луѓето кои примиле две или три дози да бидат добро заштитени од омикрон-сојот. Но, исто така е можно веќе постоечките вакцини да покажат многу помала заштита против оваа нова варијанта – вели д-р Питер Инглиш, консултант за контрола на заразни болести во Велика Британија.