Кирил Петков

Партијата предводена од двоецот харвардски дипломци Кирил Петков и Асен Василев победи на парламентарните избори во Бугарија, но останува неизвесно каква ќе биде идната политика на официјална Софија во однос на градењето вистински добрососедски односи со Македонија, базирани на меѓународното право, почитувањето и уважувањето

Граѓаните во Бугарија по третпат гласаа за промени

Бугарските граѓани на парламентарните избори во неделата гласаа за промени. По двојниот неуспех на новата партија Има таков народ да формира влада, овој пат најголема доверба доби новоформираната партија Продолжуваме со промени, која освои тесна победа на третите по ред парламентарни избори што завчера се одржаа во Бугарија. Новоформираната центристичка партија победи со околу 26 отсто од гласовите, пред партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, која освои 21 отсто. До формирањето на новата бугарска влада, која ќе биде предводена од двоецот харвардски дипломци Кирил Петков и Асен Василев, претстојат тешки меѓукоалициски договарања со коалицијата „Демократска Бугарија“, БСП и со Има таков народ, кои својата предизборна кампања ја темелеа на критиките на претходниот премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ.
Партијата што освои победа е формирана пред само неколку недели од двајцата поранешни министри во техничката влада, која беше формирана под „покровителство“ на актуелниот бугарски претседател Румен Радев. Оваа инстант-партија ја доби наклонетоста на бугарските граѓани поради нивните уверувања за антикорупциски акции, нула толеранција за корупцијата, како и реформи во клучните сектори. Најверојатно нов мандатар за составување влада ќе биде Кирил Петков. Шанси Бојко Борисов да формира нова влада речиси и не постојат, поради одбивањето на другите партии да коалицираат со ГЕРБ.

По неуспешното формирање извршна власт по изборите во април и во јули, сега многумина се надеваа дека ќе се формира влада што може да ја изведе земјата од длабоката политичка криза, како и од здравствената и економската криза. Но тоа што е поважно за Македонија е како новото парламентарно мнозинство ќе се постави во однос на симнувањето на бугарското вето на нашата земја да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
Кирил Петков, копретседател на коалицијата „Продолжуваме со промените“, во интервју за БНТ коментираше дека неговата партија има категоричен став за тоа што треба да се направи во односите меѓу Бугарија и Македонија. Според Петков, треба да се формираат работни групи од двете земји во кои треба да бидат вклучени не само историчари туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието.
– Треба да почнеме да зборуваме за сите аспекти на добрососедските односи што можат да имаат корист од тоа. Бугарија мора да го брани својот национален интерес, а тие мора да го бранат својот интерес, но под заеднички именител дека двете земји имаат што да добијат од добрососедските односи – изјави Петков.
Тој не одговори на директното прашање на БНТ дали Бугарија треба да го тргне ветото за Македонија на 14 декември.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска смета дека се добар знак најавите на водачите на „Продолжуваме со промените“ за нов пристап во односите меѓу двете земји.


– Ако има и половина од тој дух на бугарската страна, како што гледаме деновиве, можно е да видиме и пресврт. Дефинитивно, нов пристап ќе биде корисен и за нас и за нив. Охрабрувачки е дека можната нова влада во Бугарија вели оти ни треба нов пристап. Ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред – вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска, коментирајќи го исходот од парламентарните избори во Бугарија.
Васко Наумовски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и поранешен вицепремиер за европски прашања, за Радио Слободна Европа оценува дека ваквиот став на Петков е многу поумерен од она што досега сме го слушнале од другите бугарски политичари.
– За поздравување е неговата заложба во односите меѓу двете држави фокусот да биде ставен и на области какви што се економијата, образованието, инфраструктурата итн, а не историјата. Со тоа надминувањето на сите отворени прашања ќе има поголеми шанси во периодот што е пред нас – вели Наумовски.
Според податоците на Централната изборна комисија на Бугарија, од обработените 76 отсто од изборните протоколи, коалицијата на двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, „Продолжуваме со промената“, освоила 25,34 отсто од гласовите, коалицијата на поранешниот премиер на Бугарија ГЕРБ/СДС останува втора политичка сила, со 22,43 отсто. Другите партии и коалиции што влегуваат во 47. Народно собрание на Бугарија се Движењето за права и слободи со лидерот Мустафа Карадаи – 13,68 отсто; Бугарската социјалистичка партија со лидерката Корнелија Нинова – 10,35 отсто; Има таков народ на Слави Трифонов – 9,74 отсто; Демократска Бугарија на Христо Иванов – 5,92 отсто; популистичката и антиваксерска партија Преродба на Костадин Костадинов – 4,97 отсто.
На изборите за претседател и потпретседател на Бугарија, Румен Радев – Илијана Јотова со 49,40 отсто од гласовите и Анастас Герџиков – Невјана Митева со 22,41 отсто одат во вториот круг.


Дебакл на Каракачанов, воскреснување на антиваксерите

Партијата на Красимир Каракачанов, ВМРО-БНД, доживеа вистински дебакл на парламентарни избори во Бугарија. Каракачанов, кој е познат по негирањето на македонскиот јазик и нација, останува без пратеничко место во новиот парламент. ВМРО-БНД освоила помеѓу 0,9 и 1,2 отсто од гласовите на изборите, што е досега најлош резултат за крајнодесничарската партија.
Аналитичарите велат дека голем дел од досегашните гласачи на ВМРО-БНД го дал својот глас за популистичката и проруска партија Преродба на Костадин Костадинов, која освои околу пет отсто од гласовите и најверојатно ќе има 13 пратеници во бугарскиот парламент. Оваа партија се залага за укинување на сите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, вклучувајќи ги и сертификатите за вакцинација, а бара и референдум за излегување на Бугарија од Европската Унија.
Лидерот на партијата Костадин Костадинов, поранешен член на ВМРО-БНД, вели дека Бугарија треба да излезе од НАТО и одново да преговара за условите за членство во ЕУ, а ако не се случи тоа, треба да има референдум за напуштање на ЕУ.