Муралот на поранешниот командант на армијата на Република Српска, генералот Ратко Младиќ, ја подели српската јавност на два табора, со што едни се залагаат за негово отстранување од ѕидот во центарот на Белград, а други го бранат графитот, спречувајќи да биде пребојадисан.
Поради тензиите и судирите на двете спротивставени страни, пред муралот завчера беа распоредени и припадници на полицијата, за да спречат собирање на толпи и понатамошни инциденти, откако активисти за човекови права го гаѓаа насликаниот лик на Младиќ со јајца, при што барем шестмина беа приведени. Функционерот на Социјалдемократската партија на Србија, Ѓорѓо Жујовиќ, пак, фрли канта со бела боја врз муралот. Собирот на активистите кои сакаат да го отстранат муралот беше забранет од полицијата, по најавата од неколку невладини организации кои се залагаат за „бришење“ на Младиќ дека ќе ги здружат силите.
За случајот се огласија повеќемина претставници на српскиот државен врв, меѓу кои и претседателот Алексадар Вучиќ, кој кажа дека полицијата го чувала редот и мирот, а не графитот. Девет пратеници на Европскиот парламент потпишаа писмо во кое се истакнува оти заштитата на муралот се толкува како „доказ дека српските власти не ја почитуваат меѓународната правда и нејзините пресуди, како ниту жртвите од југословенските војни“.
Муралот на Младиќ осамна во Белград во јули годинава. На портретот тој е прикажан како салутира, со што некој фрлил црвена боја врз неговата рака, сугерирајќи оти е окрвавена. А веднаш до муралот беше напишана и пораката за поддршка до Младиќ – генерале, благодарност до твојата мајка што те роди.
Младиќ е осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница во 1995 година и злосторства против човештвото во БиХ, од страна на меѓународниот суд во Хаг.