На иницијативата се потпишани 61 пратеник. Според Деловникот на Собранието, седницата се одржува третиот ден од нејзиното доставување, односно в четврток, кога се очекува многу работи да бидат појасни
ВМРО-ДПМНЕ вчера во 14.30 часот поднесе иницијатива во Собранието за гласање недоверба на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, откако тој не поднесе оставка до рокот што ден претходно го посочи опозицијата.
На прес-конференција во Собранието, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кажа дека на иницијативата се потпишани 61 пратеник и дека очекува пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, да гласа за рушење владата на СДСМ и на ДУИ.
– Локалните избори беа референдумско изјаснување на граѓаните за работата на Владата. Време е за промени. Ние потпишаните пратеници бараме да се гласа за недоверба на Владата. Потпишани се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Доставени се 61 потпис. Очекуваме претседателот на Собранието во најбрз можен рок да свика седница на која ќе се гласа за доверба на Владата – изјави Николоски.
За изјавата на Реџепи дека не сака неговиот потпис да биде на список со потписите на Левица, Николоски рече дека е јасна и не треба да се вади од контекст.
– Високо ја цениме работата на пратеникот Скендер Реџепи, мислам дека неговата изјава беше јасна и не треба да се вади од контекст. Господинот Реџепи ќе гласа за рушење на владата на ДУИ и СДСМ – рече Николоски.
За нова влада или брзи предвремени избори, Николоски рече дека тоа е нешто за што ќе разговараат по четврток, кога истекува рокот за гласање доверба на Владата.
Според Деловникот на Собранието, седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата,
– Рокот за седницата почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, а Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба – се наведува во Деловникот.
Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Ако биде изгласана недоверба на Владата, уставниот рок за доделување мандат за составува влада е 10 дена.
Заев на 31 октомври најави оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ поради поразот на владејачката партија на локалните избори. Но неговата оставка сѐ уште не е стигната до парламентот.
На 5 ноември годинава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека има ново мнозинство во Собранието, составено од неговата партија, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица.
ПРЕМИЕРОТ СО ПОРАКА ПРЕКУ ФЕЈСБУК
Заев: Државата ја носат низбрдо
Премиерот во оставка Зоран Заев вчера се огласи преку фејсбук-статус во врска со иницијативата поднесена од опозицијата за гласање доверба на Владата.
– За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме на загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите – посочува Заев.
Според него, оваа држава има свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии, кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново.
– Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека зад таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности-заклучува тој.
И претседателот Пендаровски во исчекување
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, ги следи партиските активности и прегрупирања по завршувањето на локалните избори.
Но како што велат од неговиот кабинет, до овој момент тој не смета дека има простор за негов политички ангажман.
– Во согласност со неговите уставни надлежности, претседателот на државата е должен да постапува само ако добие соодветно известување од претседателот на Собранието (Талат Џафери), во случај на евентуално изгласување недоверба на Владата – велат од кабинетот на Пендаровски.
Инаку, некои политичари и аналитичари периодов порачаа дека треба да се направи обид да се надмине комплицираната политичка ситуација преку политички дијалог, кој може да се почне и на лидерска средба свикана од претседателот на државата, но, според информациите од претседателскиот кабинет, засега не се планира таква средба.