Отворен „Киненова“
Фестивалот „Киненова“, свечено отворен во киното „Милениум“ со доделување на наградите за oсобен придонес во филмската уметност и проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ, и во оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. Досега на фестивалот се промовирани над 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови што беа наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.
– Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во киносалите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда што ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди – рече директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.
Режисерот Арсенијевиќ кажа дека е голема чест што е тука и ѝ се заблагодари на „Киненова“ што успеа да организира фестивал со физичко присуство.
– Ова e шесто издание на фестивалот, но веќе стана звучно име во рамките на филмските фестивали во регионот. Во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можност да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа – рече Арсенијевиќ.
Мето Јовановски е годинешниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото, чии улоги во „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“… се неповторливи.
– Филмот и филмската уметност и фестивалите се мост што духовно нѐ поврзуваат и се достојни репрезенти на голем број драмски творби преточени во креативен филмски живот. За жал, нештата не се секојпат такви какви што ги посакуваме. Имено, живееме во време на големи промени и многубројни конфронтации придружени со болни девијантни настани. Во едно такво опкружување опстојуваат и создаваат нашите филмски и културни дејци, исправени пред нови предизвици и сведоци на голем број настани и промени, со желба за едно подобро утро во кое централната тема ќе бидат човековиот живот и универзалните вредности како патоказ и ориентир за сите нас – рече Јовановски.
„Киненова“ годинава постхумно ѝ ја додели наградата за особен придонес во филмската уметност на Сабина Ајрула Тозија. Наградата ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев.
– Голема благодарност за „Киненова“ за оваа награда, голема чест ми е и се надевам дека таму некаде меѓу ѕвездите тоа го знае и мајка ми. Покрај тоа што беше неуморен, посветен филмски, театарски работник, таа беше пред сѐ мајка и едноставен човек полн со љубов, разбирање и поддршка низ целиот мој живот – рече Вардан.
„Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност, на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга.