На настанот ќе има промоција на публикација, конференција и изложба што во фокус ги имаат жените во историјата и историографијата на жените во периодот помеѓу двете светски војни

Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) денеска, во 13 часот, во НУБ „Св. Климент Охридски“, ќе одржи настан со неколку различни содржини, и тоа: промоција на публикација, конференција и изложба што во фокус ги имаат жените во историјата и историографијата на жените во периодот помеѓу двете светски војни.
– Настанот ќе започне со промоција на публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, која нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период. Публикацијата ја изготви тим од осум истражувачи: Нада Бошковска, Здравко Стојкоски, Ивана Хаџиевска, Мања Величковска, Фросина Крушкаровска, Марина Мијаковска, Јана Коцевска и Билјана Котевска. Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска од ЦИНИК – Скопје – најавуваат организаторите.
Потоа ќе следува и конференција на темата „Регионални искуства на архивирање и изучување на историјата на жените во печатената култура – патишта на зачувување и споделување“, на која ќе учествуваат Нада Бошковска – професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих, Ана Колариќ – доцентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и теорија на книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, Ивана Пантелиќ – научна соработничка во Институтот за современа историја во Белград, и Манца Г. Ренко – асистентка на Факултетот за хуманистички науки на Универзитетот во Љубљана. Модераторка на конференцијата е Ана Василева.

– Во текот на целиот ден, на 29 октомври, во НУБ присутните ќе имаат можност да ја погледнат и изложбата на визуелната уметница Христина Иваноска на темата „Музеј на женски приказни“ започната во 2015 година. Христина Иваноска создава интердисциплинарни дела преку кои ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата – велат организаторите на настанот, кој се организира во рамките на проектот „Архиви на невидливите“, поддржан од фондацијата „Хајрих Бел“, Министерството за култура и од Град Скопје.