Судот на правдата на Европската Унија објави дека ѝ наредил на Полска да плаќа глоба од милион евра дневно поради тоа што не го суспендирала Дисциплинскиот совет на Врховниот суд. Полска е во долготраен спор со Брисел за судските реформи, кои, според европските служби, ја поткопуваат независноста на судовите.
До разгорување на спорот дојде во јули кога Судот на ЕУ ѝ нареди на Полска да го суспендира Дисциплинскиот совет.
„Во пресудата објавена денеска потпретседателот на Судот ѝ наложува на Полска да плаќа глоба од еден милион евра дневно почнувајќи од датумот на доставување на оваа пресуда во Полска, па до исполнување на наредбата на Судот од 14 јули“, се вели во судското соопштение.
Полска се обврза дека ќе го укине Дисциплинскиот совет како дел од пошироките реформи, но сè уште не изнесе детаљни планови. Заменик-министерот за правда, Себастијан Калета, на „Твитер“ објави дека барањето на Судот е узурпација и уцена.
По барање на Европската комисија, на 14 јули Судот донесе привремена мерка во очекување на исходот од постапката против Полска, според која Варшава треба да го суспендира дејствувањето на Советот, но бидејќи тоа не беше направено, ЕК побара да се наложи полските власти да плаќаат дневна казна во износ што ќе ги натера да ја почитуваат привремената мерка.
Судот на ЕУ уште во април 2020 година побара од Полска веднаш да ја прекине работата на Советот бидејќи тој не е независно и непристрасно тело и е во спротивност со правото на ЕУ. Во 2017 година Полска усвои нови правила за дисциплинска постапка за судиите на Врховниот суд и редовните судови вклучувајќи го и формирањето на Дисциплинскиот совет задолжен за дисциплинска постапка против судиите на Врховниот суд и за жалбените постапки против судиите на редовните судови.
Но, ЕК во тужбата тврдеше дека новиот дисциплински режим не ги гарантира независноста и непристрасноста на Советот, чии членови се судии избрани од Националниот судски совет. Овој совет, пак, се состои од 15 судии избрани од Сејмот, долниот дом на полскиот парламент. Полска најави дека ќе го укине Дисциплинскиот совет како дел од пошироката судска реформа, но до денес не претстави никакви планови за тоа.