Изборниот ден беше мирен, а изборите конкурентни, но водечките партии имаат системски предности. Апаратите за отпечаток од прст го успорија гласањето. Броењето на гласовите генерално било добро, но имало проблеми со сумирањето. Забележано било групно гласање, притисоци и купување гласачи, стои во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во Македонија.
Локалните изборите беа конкурентни, а основните слободи беа главно почитувани, но бројните недостатоци во правната рамка ја нагласуваат потребата за сеопфатна реформа. Водечките парламентарни партии имаат системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампања, вклучително и во медиумите, се наведува во прелиминарниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во Македонија.
Набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти и вкупно 165 набљудувачи од 29 земји.
„Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Тана де Зулуета, презентирајќи ја прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од локалните избори во земјава што се одржа вчера.
Таа рече дека во земјава за првпат се гласа со биометриска идентификација на гласачите и оти набљудувачите забележале често проблеми со апаратите и распространета неможност успешно да ги скенираат отпечатоците. Повеќето избирачки одбори се справија со овие проблеми професионално, рече таа.
„Изборната администрација го почитуваше повеќето законски рокови, но нејзината способност да си ја заврши работата беше ограничена од лимитираниот персонал и оперативниот капацитет. Доцната имплементација на апаратите за биометриска идентификација на гласачите создаде дополнителни предизвици во спроведувањето на изборите“, рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија. Тана де Зулуета.
Во прелиминарниот извештај се посочува дека немаше пилот-проект за фингерпринт-апаратите и претходно не беше спроведено сеопфатно тестирање или проценка на квалитетот на апаратите за отпечаток од прст.
Де Зулуета оцени дека изборниот ден генерално бил мирен. Кампањата беше генерално мирна, со изолирани инциденти.