Преку означувањето на Светскиот ден на менталното здравје се издига свеста за решавање на проблемите со менталното здравје во целиот свет. На овој ден
организациите и граѓаните ги повикуваат властите да преземат акција и да направат долготрајни промени во грижата за менталното здравје

Светскиот ден на менталното здравје како повод

Современиот начин на живот, темпото што го диктира општеството, предизвиците, а во последната година и половина и пандемијата се само дел од сериозните фактори што влијаат на менталното здравје на луѓето. Како да се остане ментално здрав, дали помошта од психолог е неопходна, колку луѓето му посветуваат внимание на менталното здравје, се само дел од прашањата што се поставуваат на Светскиот ден за издигање на свеста за менталната состојба, кој се одбележа изминатиов викенд.
На овој ден организациите и граѓаните ги повикуваат властите да преземат акција и да направат долготрајни промени во грижата за менталното здравје. Преку означувањето на Светскиот ден на менталното здравје се издига свеста за проблемите со менталното здравје во целиот свет.
Психолозите велат дека живееме во време на економски, политички и социјални предизвици, односно во време во кое е сѐ потешко за еден млад човек да се реализира целосно и биде или да остане здрав. Младите изминатата година и половина се соочуваа со огромни промени и предизвици. Затоа, според психолозите, особено е важно не само да се работи на зголемување на свесноста во врска со ментално здравје на младите туку и директно да се поддржат младите што се соочуваат со тешкотии.

Погрижете се за себе, поддршката од психолог е важна

Психологот м-р Јасмина Јонуз вели дека пандемијата дефинитивно помалку или повеќе влијаела на сите нас.
– Ова е период што беше нов за сите и, за жал, немавме некоја готова формула за справување со сето она што ни го донесе, но исто така верувам дека непрестано се бориме да ја задржиме нашата психофизичка благосостојба. Секој има своја историја, секој е посебна индивидуа со разни предиспозиции, но пандемијата како еден нов и опасен контекст беше и е тригер за многу индивидуи. Се вели дека посетата на психолог во Америка е зголемена за 60-70 проценти по пандемијата, а сличен впечаток имам и за нашите простори -посочува таа.
Според неа, немир, паника, страв и преокупираност за здравјето се чести тегоби за кои луѓето бараат помош, а верува дека тоа е и очекувано во ситуација кога имаме нов и непознат непријател.
– Сепак, ние сме адаптибилни битија и верувам дека не престануваме да се бориме и секој од нас ќе го најде својот креативен пат за зачувување на своето ментално здравје. Во контекст на денот на менталното здравје би кажала дека можеби една позитивна работа што ја извлековме од пандемијата е детабуизирање на посетата на психолог и препорачувам дека при дистрес, поддршката од психолог може да биде мошне важна. Погрижете се за себе-заклучува Јонуз.

Менталниот склоп на луѓето е разнишан

Социологот Илија Ацески вели дека менталното здравје е врвот на човековиот стабилен живот.
– Изминатите две години, откога почна пандемијата, на површина излегоа сите негативни пориви, она што како луѓе го носевме со децении, кога поминувавме низ транзиции и кризи. Ковид-пандемијата тоа го стави на сцена, но сепак човековиот живот е нешто највредно – објаснува социологот.
Според него, кога ќе се доведе во прашање социјалниот живот, се покажало дека некои сили ја зајакнаа таа ментална негативна матрица кај граѓаните.
– Ние не сме тие што бевме пред две години. Кај децата ќе има секако последици, зашто тие допрва се соочуваат со светот што е отворен, но во исто време сѐ е неможно. Тоа е најголемата траума. Нашите институции не се подготвени да работат на менталното здравје во континуитет, зашто кога почна пандемијата не беа свесни за сите предизвици. Менталниот склоп на луѓето е разнишан, збунет и тука почнуваат животинските инстикти за одбрана – заклучува Ацески.
Тој вели дека политичарите го користат тоа.
– Македонците во овој поглед се на удар. Историската меморија им е доведена во прашање. Како можам да имам стабилно ментално здравје кога на политички план се прави тоа што се прави – додава Ацески.

Младите на удар

Сепак, социолозите и психолозите се децидни и посочуваат дека ниту една општествена промена не поминала без последици, особено врз младите генерации. Сето ова веќе е дел од научните и експерименталните истражувања во светот, кои покажуваат дека младите, пред сѐ на возраст од 16 до 19 години, се едни од најпогодените категории луѓе од светската пандемија.
Создава ли пандемијата нова генерација млади со посебни карактеристики, дали пропуштените две години од клучниот период на социјализација резултираат со зголемен страв, неизвесност и можност за психолошки последици?
Во истражувањето, ученици од Берлин посочиле дека изминатите месеци ништо не им се случува, освен седење на компјутер од шест до 18 часа. Истражувањето покажало и дека учениците се под толку голем стрес, поради што многу повеќе пијат алкохол, пушат или се дрогираат, немаат време да излезат и се гледаат само со блиските или со родителите. Се посочува дека сите се во иста ситуација и никој не може да му помогне на другиот.
Според анкета на универзитетот „Ерфурт“, 23 отсто од младите веќе еднаш побарале информации и совети како да го подобрат или одржат своето психичко здравје. Меѓу младите особено се омилени апликациите за помош.


Менталното здравје со свој ден од 1992 година

Светскиот ден за заштита на менталното здравје се одбележува во организација на Светската федерација за ментално здравје од 1992 година, на 10 октомври секоја година, во повеќе од сто земји низ целиот свет.

[email protected]