ФУДБАЛ

  • Актуелниот европски првак Пари сен Жермен, потоа Ливерпул, Барселона, Баерн и Реал Мадрид играат за нови континентални титули, а по прв трофеј одат Атлетико Мадрид, Арсенал и Спортинг

По вечерашните дуели Ливерпул – Пари сен Жермен (прв меч 0-2) и Атлетико Мадрид – Барселона (2-0) ќе бидат познати првите полуфиналисти во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), а четирите најдобри тима за сезонава ќе бидат комплетирани утре, по средбите Баерн – Реал Мадрид (2-1) и Арсенал – Спортинг (1-0). Сите мечеви се од 21 часот. Актуелниот европски првак Пари сен Жермен, потоа Ливерпул, Барселона, Баерн и Реал Мадрид играат за нови континентални титули, а по прв трофеј во најсилното натпреварување одат Атлетико Мадрид, Арсенал и Спортинг.
Атлетико игра и за тоа да влезе во елитниот клуб во кој се екипи што триумфирале во ЛШ (порано Куп на шампионите), Лига Европа (порано Куп на УЕФА) и во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК, укинат во 1999 година). Клубот од Мадрид има три трофеи во Лига Европа (во 2010, 2012 и во 2018 година) и еден во КПК (1962 г.). Арсенал и Спортинг, пак, се во трка за втор трофеј во куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА), откако претходно победија во КПК, Арсенал во 1994 година, а Спортинг во 1964 година. Клубови што освоија трофеи во овие три европски натпреварувања се Јувентус, Ајакс, Баерн, Манчестер јунајтед и Челси, кој, пак од лани е единствениот клуб што победил во сите европски клупски купови на УЕФА, откако минатата сезона славеше и во Конференциската лига, која почна да се игра во 2021 година.
Неделава на програмата се реваншите од четврт-финалето и во другите два европски купа. В четврток во Лига Европа играат Бетис – Брага (прв меч 1-1), Селта – Фрајбург (0-3), Нотингем форест – Порто (1-1), Астон вила – Болоња (3-1), а во Конференциската лига се среќаваат АЗ – Шахтер (0-3), Фиорентина – Кристал палас (0-3), АЕК – Рајо Валјекано (0-3) и Стразбур – Мајнц (0-2). Н.М.