Со години Европската Унија демонстрира какофонија за прашањето за проширување, со сѐ понагласен непринципиелен и нееднаков третман кон земјите-кандидатки, при што некои ги фаворизира додека други ги блокира. Македонија и самата долго време е жртва на ваквата политика. Најновите сигнали и предупредувања за ваквиот „европски“ однос стигнуваат и од Америка, а се на сметка на еврокомесарот Вархеи, за кој се вели дека ја фаворизира Србија. Слични „евродемократски“ потези претходно влечеа и неговите претходници…
Има ли диригент во оркестарот на ЕУ
Настапува ли Брисел тимски и со обединети ставови по клучни прашања или, пак, во рамките на ЕУ се спроведуваат политички соло-игри и се туркаат некакви лични агенди на високи функционери и еврокомесари, кога станува збор за процесот на проширување на Европската Унија кон Балканот. Овие и слични дилеми повторно се актуализираа во јавноста, откако американскиот магазин „Политико“, повикувајќи се на интерни документи на ЕУ, го посочи Унгарецот и еврокомесар Оливер Вархеи дека ја фаворизирал Србија, од земјите што чекаат во редот за членство во ЕУ. Според магазинот, Вархеи истовремено ја ублажувал загриженоста за демократските процеси во Србија и ја претставувал во малку поинакво светло од реалното.
Весникот умешно и аналитично забележува дека иако унгарскиот дипломат требало да даде рамноправни и еднакви процени за сите потенцијални членки, тој, самоиницијативно, ја турка кандидатурата на една земја и покрај фактот што Белград не успеа да постигне напредок по клучните прашања, па дури и се повлече за некои.
Дополнително пристапот на Вархеи и за Западен Балкан и за Турција, не е во чекор со многу земји на ЕУ, а според американскиот медиум, еврокомесарот за проширување остро се спротивставувал на насоките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Весникот заклучува дека ставот на Вархеи навистина одговара на агендата на една влада на ЕУ, односно на неговата Унгарија.
Во меѓувреме, германски европратеник од Зелените, Ромео Франц, изјавил дека сето тоа што се случува е апсолутно погрешен и фатален сигнал и тој запрашува зошто постои овој нееднаков третман, бидејќи сето тоа може да се протолкува како напредок кон ЕУ со две брзини, а сето тоа најмногу би значело и од аспект на неоправданото кочење и блокади на Македонија, односно казна за Македонија.
Претходно, вакви слични обвинувања за протекционизам на раководството на ЕУ имаше и кон други земји. Претходникот на Вархеи, Австриецот Јоханес Хан, во јавноста беше запаметен како државник на ЕУ што во своите политики го фаворизирал членството на Албанија во Унијата, за што беше критикуван во Европскиот парламент. Во 2012-та, пак, тогашниот комесар за проширување на ЕУ, Штефан Филе, беше во фокусот на критики од германскиот печат дека во своите јавни говори, но и на својот твитер-профил честопати јавно и без особена причина се залагал за членството на Црна Гора во европскиот сојуз, наспроти другите земји од регионот.
Во меѓувреме, домашните, но и странските познавачи на политиките на Европската Унија со кои се консултиравме велат дека процесот за проширување на Балканот е во ќор-сокак, токму поради нееднаквиот третман на поединечни функционери од Брисел кон земјите-претенденти за членство.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека е очигледно дека Брисел, иако не сака да се откаже од планот за проширување, всушност нема идеја што да прави со регионот во овој момент и токму затоа на површина излегуваат вакви непосакувани фаворизирања, со кои одредени земји се оттргнуваат од групата држави на Западен Балкан.
– Актуелниот судир за проширување, за или против прифаќањето дека Балканот е дел од ЕУ, самиот по себе пополека, но сигурно ја отвора вратата индивидуални политики на одредени функционери или индивидуални политики од одредени земји да можат да си протнуваат сопствени агенди под знамето на ЕУ. Тоа иако не е добро, досега било евидентно во сите процеси каде што се зголемувало членството на Унијата – вели професорот.
Тој резимира дека последиците од ваквиот пристап се многу сериозни, не само за регионот туку и за самата Унија.
– Кога партнерот се чувствува запоставен, тој се врти кон некој друг, зарем не? Засилувањето на протекционизмот кон одредени земји без разлика за која станува збор влијае да се губи популарноста на ЕУ, а сето тоа овозможува засилено присуство на Русија, Турција и на Кина на Балканот, како посакувани алтернативи за незаинтересираната и очигледно нефункционална ЕУ – резимира Вит.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека индивидуалниот пристап за членство во Унијата е препознатлив и по протекционизмот на државите-членки во ЕУ наспроти земјите што сакаат да станат нови сојузнички.
– Тоа најмногу можеше да го почувствува Македонија на своја кожа, особено во процесите за промената на името со Грција и во спорот со Бугарија. И во двата случаја, ЕУ некогаш тајно некогаш отворено застана на страна на националистичките интереси на државите-членки, а тоа рефлексно може да го мотивира македонскиот народ воопшто да не посака да стане дел од овој сојуз – заклучува Пекевски.