КОЊИЧКИ СПОРТ – ПРВ ОКТОМВРИСКИ ТУРНИР
Леонида Гроздановска, членка на коњичкиот клуб Анималс, освои две први места и едно второ на првиот Октомвриски коњички турнир, како и на третото коло од отвореното Лига-првенство во прескокнување пречки за 2021 година. Натпреварите се одржаа на терените во населбата Дрма (Идризово), а во организација на клубот Анималс од Скопје.
На програмата беа два натпревара во прескокнување пречки. На првиот со височина на пречките од 90 см победи Гроздановска со грлото Нур, пред Силја Дуковска со грлото Најтингел од клубот Анималс и Цветанка Георгиев со грлото Чарли од клубот Бравадос.
На вториот натпревар ,,Растечки тешкотии“, со висина на пречките од 0,95 до 1,25 м, со џокер, победничката Гроздановска настапи со грлото Прециоус. Таа го освои и второто место со грлото Нур, а трета беше Дуковска со грлото Најтингел од клубот Анималс.
Според календарот и пропозициите на ФКСМ за 2021, остануваат уште два октомвриски турнира и четвртото финално коло од отвореното Лига-првенство и шестото финално коло од отвореното Државно првенство во прескокнување пречки за 2021 година. Тие ќе се одржат во организација на клубот Илинден на терените во Маџари.