Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали членството (или кандидатскиот статус на Македонија) во ЕУ ја исклучува потребата за македонска национална стратегија? И дали постојат подготвеност, капацитети, а пред сѐ политичко расположение за создавање и спроведување суверена национална стратегија, беа некои од битните прашања отворени деновиве во МАНУ. Оваа институција покажува осет, волја, визија и умеење за водење на една сеопфатна операција со темелен кохезивен национален карактер

Во МАНУ изнесена потребата за гаснење на антагонизмот и консензус
меѓу чинителите на политичката сцена

Одбележувањето на трите децении независност на Македонија беше поводот сегашниот и поранешните претседатели на државата, во МАНУ да ги претстават своите гледишта за актуелните политичко-економски предизвици на земјата, како на внатрешен така и на надворешен план, но и да понудат идеи и решенија за нивно надминување.

Гладијаторската арена наречена Македонија

Во одреден дел од анализите, претседателите ги посочија веќе претходно познатите слабости на македонското општество, како корупцијата, слабостите околу владеењето на правото, немањето визија и политики за стабилен економски развој, но и какофонијата при водењето на надворешната политика, заплеткана во уцените што произлегоа од договорите за добрососедство со Грција и особено со Бугарија. Во таквиот контекст, дебатата во МАНУ на јавна сцена ја изнесе потребата за консензус и гаснење на изразениот антагонизам меѓу чинителите на политичката сцена во Македонија (која, патем, беше наречена „гладијаторска арена“). Во МАНУ беше нагласена неопходноста за смирување на политичката комуникација и обединување околу интересот за економски просперитет на државата, а тоа да се направи со сопствени сили, капацитети и ресурси.

Постои ли политичко расположение за создавање и спроведување суверена национална стратегија?

Тргнувајќи од можноста ЕУ да ја промени, всушност да ја запре, својата политика на проширување од разни причини, поранешниот претседател Бранко Црвенковски ја реафирмира како нужна потребата од една национална стратегија за развој на Македонија како суверена држава. Политиката сведена на синтагмата „НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни“, беше споредена со „дување балон“, чија судбина е на крајот да пукне.
Идеите и предлозите за национални стратегии, воопшто не се нов момент во македонската политика од независноста. Неколку постојат дури и како сериозно подготвени документи… Сепак, во актуелниот политички амбиент во земјава, во кој доминантна цел е по секоја цена и на каков било начин да се влезе во ЕУ (или барем да започнат преговорите за членство со Унијата), се наметнува прашањето дали постојат подготвеност, капацитети, а пред сѐ политичко расположение за создавање и спроведување суверена национална стратегија. Дополнително се поставува и дилемата дали, пак, членството (или и само кандидатскиот статус) во ЕУ ја исклучува потребата за национална стратегија?
– Секоја земја треба да има национална стратегија, независно дали е дел од некој сојуз. Светот е така поставен, луѓето живеат во посебни држави, кои треба да им понудат перспектива, предвидливост и одредени планови за живот и развој за одреден подолгорочен период на своите граѓани. Така што дури и евентуалното членство во ЕУ, не ја исклучува потребата од национална стратегија за Македонија. Во овие три децении независност на Македонија, сме имале повеќе обиди за национални стратегии – некои подобри, некои можеби помалку добри. Но најголем проблем било што не станале сериозен предмет на политичко спроведување. Сериозен пристап за национална стратегија, подразбира поширок општествен консензус, а потоа и насочување средства, креирање политики и извршители за таа да се спроведува. Националните стратегии се носат на подолг рок и се спроведуваат без разлика каква политичка гарнитура е на власт. Но и континуирано треба да се ажурираат, зашто работите и односите во светот се менуваат, а националните стратегии треба да го следат текот на меѓународните услови – вели Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка и активен учесник во политичкото дефинирање на независна Македонија.

Национална стратегија со јамка околу вратот

Во однос на темите на кои би требало да се стави акцент во една национална стратегија, дали повеќе да биде насочена на економскиот развој, или на политичките прашања, Петар Гошев смета дека е невозможно да се разделат тие сегменти на државата и општеството.
– Во развојот на државата и општеството сѐ е поврзано и сѐ си влијае едно на друго. Развојот на економијата зависи од целината на поставеноста на политичкиот систем. Не е можно да се има успешна економија, ако не постојат правна држава, владеење и почитување на правото. Во таа смисла, и покрај постојаното повторување на констатациите дека е неопходна борба против корупцијата, владеењето на правото, работите постојано се влошуваат. Ако се донесе национална стратегија, можеби и со најдобри решенија за отстранување на овие одамна констатирани слабости, ако нема политичко расположение за нејзино спроведување, нема да има никаков ефект – смета Гошев.

На дебатата, претседателскиот предлог за изработка на национална стратегија беше насочен токму кон МАНУ, но и универзитетите, стопанските комори, како и кон претседателот Пендаровски како натпартиски политички субјект. Не оспорувајќи ја потребата за националната стратегија, познавачите на политичките состојби и менталитет во Македонија, сепак се прашуваат дали во овој општествен момент, во кој доминира насоченост исклучиво кон една политичка опција за иднината на државата, воопшто има расположение за таков стратегиски проект. Од друга страна, бидејќи предлогот произлегува од дебата на поранешни претседатели, кои имале можност да спроведат такво нешто за време на своите мандати, отвора дилема дали оваа идеја сега е обид за перење на својата совест, или можеби утопија што сега, кога не се на функција, можат да си дозволат малку политичка имагинативност.
– Многу поодамна ни е потребна национална стратегија, а сега кога ни дојде јамката околу вратот со сменетото име на државата и неизвесноста за зачувување на националниот идентитет, погласно почна да се зборува за таквата идеја. Национална стратегија ни беше потребна уште кога се појави проблемот со Грција. Доколку ја имавме тогаш, веројатно ќе бевме позаштитени во целиот процес на преговори. Но во овој политички миг за Македонија, не постојат актери подготвени да спроведат една идеја за национална стратегија. Како што кажа и претседателот на МАНУ, актуелните политичари на власт во Македонија се однесуваат како „слуги на туѓи геостратегиски интереси“. Во таков политички амбиент, лицемерно би било да се донесе каков било документ, кој нема да го поддржувате со своите политички одлуки. Како што се случува со резолуцијата изгласана во Собранието за македонската позиција во актуелниот македонско-бугарски историско-идентитетски спор. И покрај резолуцијата, повторно се водат непринципиелни преговори и се нудат историски отстапки за Бугарија. Едноставно, резолуцијата не се имплементира и не се зема предвид – вели универзитетската професорка Солза Грчева.

Моменталната политичка клима во Македонија не е погодна за носење национална стратегија?

Универзитетската професорка Солза Грчева смета дека ова е најмалку веројатен момент во кој би можело да се донесе и спроведе една национална стратегија.
– Хартијата трпи сѐ, но нема суштина. Носење национална стратегија во овој политички миг и амбиент, наликува на утопија. Исто како носење закони што не се спроведуваат. Како што не може да има добри политики, економски просперитет, среќни и задоволни граѓани, со политичари што немаат опција. Политичките актери во Македонија во овој миг не размислуваат долгорочно, што е неопходно за една сериозна и издржана национална стратегија. Освен тоа, извесна резерва предизвикува и тоа што предлогот доаѓа од дебата на бивши претседатели што имале можност и поповолни услови за спроведување национална стратегија, а не го сториле тоа. По малку наликува како перење на совеста. Теоретски, убава и добра е идејата за национална стратегија, но моменталната политичка клима во Македонија не е погодна за тоа – смета професорката Солза Грчева.