Денес, подготвувањето партиска програма со која се освојува власта во суштина е најлесниот дел, само прв, еден чекор, сочинение, на што потоа се придодаваат диктафоните, камерите, лед-екраните, блицевите, социјалните мрежи, глобалниот бродкаст. Денес, во ерата на апсолутна медијализација, политичкото дејствување сѐ повеќе личи на холографска матрица, вгнездена во нашите дневни соби, која секојдневно атакува и го плени нашето внимание и промовира еден релативно нов (за нас) медиумски жанр – политичко шоу, како поджанр на политичката естрада
„Сите на избори“ – пишуваше на летачки транспарент, закачен за авион што кружеше над градот. Понекогаш паѓаа и летоци на кои пишуваше „Сите на избори“. Најголем дел од граѓанството ниту знаеше ниту разбира за кого и за што се гласа. „Сите на избори“, всушност, се доживуваше во некоја рака како закана… и, така, молкум се гласаше и никому ништо. Така беше во минатото.
Според истражувањата во општества со многу поразвиена политичка култура и демократија, околу 60 проценти од гласачкото тело си создава своја виртуелна идентификација со одредена политичка опција и врз основа на таа идентификација гласа, а не врз основа на реалноста и вистинската бенефиција што таа политичка опција и програма ја обезбедува како за него, така и за општеството во целост.
Плуралниот политички живот и изборите денес се видливо изменети. Па, наместо авион над градот, летоци, транспаренти, во политичките битки се вклучени интернет, Фејсбук, Твитер, социјални мрежи и портали.
Во најголем обем медиумските политички кампањи хронолошко-жанровски ѝ припаѓаат на ерата на немиот филм. Во нив се афирмира духот на преобразбата. Основен интонациски тон е т.н. патетика на живеење на историскиот момент. Длабоко во себе повторно ги слушаме гласот и ехото на граѓанската совест, што одново ја враќа надежта, вербата… Дали оние лица на екраните, билбордите, социјалните мрежи, летоците, весниците, џингловите, репортажите, ќе ги исполнат ветувањата, дали се тие вистинските.
„Медиумите стануваат помоќни и од самата стварност“, ќе прибележи во својот нотес бисери – белешки апокалиптично обоен материјализам, мудриот филозоф визионер Бодријар.
Колку, во суштина, денешните медиуми помагаат и одмогнуваат при изборните процеси и дали и колку однатре може да се манипулира со структурата и содржината на самите медиуми и пораките што тие ги емитираат, ги пласираат пред јавноста?
Во поново време, улогата на медиумите во генерирањето општествена моќ и власт станува важен, според многумина, пресуден фактор. Политичките дебати и дуели не се, секако, измислица на ерата на телевизијата. Тие се одамна неизоставен дел од демократијата, само што малите екрани, интернетот и другите технолошки алатки овозможуваат тие форми на политичките борби да бидат влијателни, клучни, па и пресудни при „одмерување на силите“ меѓу спротивставените актери на политичката сцена.
Денес, подготвувањето партиска програма со која се освојува власта во суштина е најлесниот дел, само прв, еден чекор, сочинение, на што потоа се придодаваат диктафоните, камерите, лед-екраните, блицевите, социјалните мрежи, глобалниот бродкаст. Денес, во ерата на апсолутна медијализација, политичкото дејствување сѐ повеќе личи на холографска матрица, вгнездена во нашите дневни соби, која секојдневно атакува и го плени нашето внимание и промовира еден релативно нов (за нас) медиумски жанр – политичко шоу, како поджанр на политичката естрада. Бурни и драматични седници, во комисиите и во парламентот, дебатни емисии, ТВ-дуели, во поново време и политички шоу-програми со драматургија и кастинг, дневно информативни емисии со елементи на шоу-модерации… „инфотејнмент“. Во напливот на таквите трендови, и политичката реалност често станува лесен плен и патетична жртва на некритичката и незаситна виртуализација.
И во нашите транзициски преобразби и суштествувања, социјалните мрежи, камерите, фотоапаратите, блицовите, диктафоните станаа клучен медиум на политичката саморефлексивност. Најголем дел од политичкото дејствување стана (за некои и остана) функција на комуникациските медиуми.
Тие, таквите политики, останаа гола виртуелна политичка акција и илузија, што во еден долг период сѐ помалку успева да биде замена за реалното искуство и покрај силната материјална поддршка од надворешни фондови и фактори, увезени и скапо платени сценарија.
Приоритетот и логиката, во овој сложен и краток рок што ни претстои до терминот за локалните избори, ќе бидат во вид на приспособување на политичките дејствувања, ползувајќи ги медиумите како легитимна алатка во политичката борба и промоција, како средства на т.н. објективен виртуелен прејудициј, што креираа специфичен вид виртуелна псевдополитичка реалност.
Во нашиот медиумски и социолошки пејзаж во предизборната битка за превласт во медиумскиот простор – природно е очекувањето, на оние што ги финансираат медиумите, својот политички ангажман подоцна да го валоризираат (дебело да го наплатат) преку систем на погодности што (нели) ќе ги испорача политичкиот победник.
Ситуацијата со медиумите е проста – кој плаќа, тој ја нарачува музиката. Условено од информацискиот бум, во присуство пред сѐ на социјалните мрежи, како никогаш досега е демократизиран пристапот во креирањето и демонстрацијата на личните ставови. Ова неминовно ќе донесе до пропаѓање на понекој медиум, весник, телевизија…, бидејќи пазарот, па и перформансите на нашата реалноста се пресиромашни за овој премал медиумски простор.
А голем дел новинари и медиумски работници или ќе се преквалификуваат или ќе пропаднат, како технолошки излишни.
„Стварноста е мртва, ние ја убивме“, празнејќи ја секојдневно со масмедиумските симулации, според оној истиот Бодријар од предмалку. Сѐ е привид во форма на хиперреалистичка семиотика. „Сѐ е настанато, манипулирано и одредено преку артифициелната логика и интелигенција и други механизми на привидот, измамата и илузијата“. Она што некогаш се нарекувало стварност, исчезнало во некакво – „како да е“ – во модус на егзистенција, во привид и илузија на семожни медиуми, така што веќе сѐ помалку е можно да се разликува реалноста од сопствената симулација.