На последните 12 ЕКК, најмногу шахисти (457) и шахистки (67) настапиле во Улцињ во 2019-та, а најмногу велемајстори (145) во Нови Сад во 2016 година

ШАХ

Македонија досега трипати е домаќин на Европскиот клупски куп во шах во машка и во женска конкуренција, што доволно зборува за довербата што ѝ ја дава Европската шаховска унија (ЕКУ), во организацијата на вакви големи шаховски збиднувања. Првпат ЕКК се одржа во Охрид во 2009 година, потоа во Скопје во 2015 година и сега во Струга. Статистички гледано, најмасовно било во Охрид каде што вкупно во обете конкуренции настапиле 431 натпреварувач, па во Скопје 421 и во Струга 317. Во Охрид играа 379 шахисти, а во Скопје 57 шахистки. Поединечно гледано, пак, во Охрид играле најмногу машки клубови 54, во Скопје 50, а во Струга 37. Во женска конкуренција, во Скопје настапиле 12 клуба, во Охрид 11, а во Струга осум. И што се однесува до шахистите и шахистките со највисоки титули, во Охрид играле 132 ВМ во машка и девет во женска конкуренција, во Скопје 111/7 и во Струга 85/7. Со оглед на влијанието на ковид-19 во светот, поради кое ЕКК и не се одржа во 2020 година, и очекувано е во Струга да има помал број клубови и учесници.
Вкупно гледано, пак, на последните 12 ЕКК најмногу машки клубови (62) настапиле во Рогашка Слатина (Словенија) во 2011, најмногу шахисти во Улцињ во 2019 година (457), а најмногу велемајстори (145) во Нови Сад (Србија) во 2016 година, кога Алкалоид стана европски првак. Кај шахистките, пак, на трипати имало најмногу, по 14 клуба, во Пловдив (2010), Нови Сад и во Улцињ (Црна Гора) во 2019. Најмногу шахистки (67) играле во Улцињ, а најмногу претставнички со титулата ВМ (12) се натпреварувале на Родос, Грција, во 2013 година.

Во Струга продолжуваат возбудувања на 36. ЕКК во шах, кој е во тек. Во 4-то коло сите четири македонски машки екипи забележаа победи. Алкалоид (прворангиран тука) со убедливи 5,5-0,5 го совлада словенечки Марибор (15), Гамбит Асеко СЕЕ (16) славеше со 3,5-2,5 над исландски Рејкјавик (22), Прилеп (17) го совлада француски Ансие (19) со 3,5-2,5, а Гостивар (31) ја оствари првата победа (3,5-2,5) против исландски Викинг (24).
Кај шахистките, пак, сите четири македонски екипи доживеаја порази. Алкалоид од австриски Баден со 2,5-1,5, МШК Центар од руски Урал со 0-4, а Куманово со 0-4 од украински ГРЕКО. Монте Карло, пак, со 3,5 го совлада словенечки Тајфун.
На три кола до крајот во водство кај мажите со осум бода се Медни Всадник и Нови Бор, трета е Валенсија со седум, Алкалоид е четврти, Прилеп осми, Гамбит Асеко СЕЕ 11-ти, сите со по шест екипни бода, но со различен збир на поени по табли. Гостивар со два бода е 32. од 38 екипи. Кај шахистките води Јужен Урал со осум бода, пред ГРЕКО со седум, Монте Карло има пет, Баден четири, Алкалоид и Куманово по три, Тајфун два, а МШК Центар е последен, осми, без освоен бод.