Во нашите модуларни (ковид) болници многу лесно може да се случи да дојде до поголема концентрација на лесно запаливи смеси на пареи од алкохол (којшто се користи за дезинфекција) и на кислородот, кој исто така се користи при процесот на лекување. Таквата смеса на гасови многу лесно може да се запали. При формирањето на гасните смеси, доаѓаме до еден термин – гасна критична концентрација
Кај методите за согорување на материјата (особено за горивата) е задолжително користење кислород, при што се постигнува целосно согорување. А, притоа, јагленот и другите присутни материи согоруваат до крајни несогорливи гасови. Така, на пример, јагленот согорува до јаглен диоксид. Според тоа, кислород обезбедува целосно согорување на материите. Согорувањето со кислород обезбедува брзо согорување за кратко време, а со тоа се постигнуваат високи температури на гасовите во краток интервал на време. Затоа концентрациите на кислород во воздухот мора да бидат минимални, за да не дојде до реакции што кислородот ги потпомага. При работа со кислород, проветрувањето во објектот мора да биде добро и секогаш функционално.
Во нашите модуларни (ковид) болници многу лесно може да се случи да дојде до поголема концентрација на лесно запаливи смеси на пареи од алкохол (којшто се користи за дезинфекција) и на кислородот, кој исто така се користи при процесот на лекување. Таквата смеса на гасови многу лесно може да се запали. При формирањето на гасните смеси, доаѓаме до еден термин – гасна критична концентрација. Овој параметар ги содржи критичните концентрации на гасовите во гасната смеса.
При такви случаи, критичните концентрации на запалување се многу пониски, затоа што е присутен и кислородот, кој го потпомага горењето. Органските материи лесно испаруваат, односно имаат висок напон на пареи и лесно се формира гасна смеса што може да биде лесно запалива и затоа треба интензивно проветрување на просториите. А болните не го сакаат тоа, плашејќи се да не настинат.
Бидејќи кислородот го потпомага горењето, создавањето услови воздухот да содржи високи концентрации на слободен кислород значи и можност за формирање концентрации на гасни смеси и со многу други органски лесно испарливи материи (етил алкохол, етер и сл.) што се користат во медицината, односно во болниците.
Безбедноста во модуларните болници би требало да ја контролираат, пред сѐ, детектори за концентрација на гасовите во просториите, кои наедно ќе го регулираат нивното проветрување преку автоматска регулација. Медицинскиот персонал не може да ја врши таа задача поради обврските со болните. Затоа, обезбедувањето на објектот од концентрација на гасови би требало да биде само на детекторите.
Ако се знае оти присуството на кислород го стимулира горењето, тогаш, доколку дојде до пожар и има присуство на кислород, објектот ќе изгори брзо. А ако нема кислород, тогаш би имало време да се спасат болните, поради побавното запалување на материите и бавниот интензитет на горење.
Покрај ова, во модуларните болници, во борбата да се спасат болните може да се направи грешка – пуштање поголем проток на кислород, а искористувањето да биде мало. До тоа може да дојде по желба на болните, но и на медицинскиот персонал, а притоа да не се води сметка за концентрацијата на кислородот во просторот, што, пак, не може да се контролира по слободна процена. Затоа се потребни индикатори на концентрациите, што подразбира и аларм за состојбата со кислород во воздухот во просторијата.
Доколку имало кислород во целиот простор на болницата, многу е тешко да се утврди иницијалната состојба за пожарот. Од изгорениците може да се утврди каде имало најмногу кислород и интензивно горење. Но иницијалното палење многу тешко може да се утврди, затоа што се користат многу материи (дезинфекциски, санитарни и сл.), а тука е и факторот човек и сл., кои во присуство на кислород не можат да бидат предвидливи.
Стефан Поцев, професор во пензија