Приватен миг
Меѓу многубројните фотографии на славниот шпански сликар Пабло Пикасо е и оваа од неговата приватна архива, на која е фатен во долна облека, со своето куче. Пикасо, уметникот што го обележал времето во кое живеел, создавал и оставил неизбришлив белег во уметноста, е еден од најголемите сликари на сите времиња. Единствено од што се плашел е смртта и затоа во подоцнежниот период од животот работел со енергија на млад човек. Тој е еден од основачите на уметничката насока нареченa кубизам и сугестивен експресионизам, а статистиката покажува дека Пабло Пикасо е уметник чии дела најмногу биле крадени, дури 1.147 пати, објавува порталот „10 нај“.
Тој е единствениот уметник во светот, во чија чест е организирана изложба во „Лувр“ во Париз, додека уште бил жив, по повод 90-от роденден. Роден е на 25 октомври 1881 година, во Малага, Шпанија. Починал 92 години подоцна, на 8 април 1973 година, во Мужин, Франција. Во неговиот опус има 100.000 графики, 300 скулптури, 13.500 слики и дури 34.000 илустрации.
Овие импозантни бројки зборуваат за неверојатна инспирација, талент и волја за создавање што ги поседувал овој човек.
Покрај платно и бојата, Пикасо уживал и во боемскиот начин на живот, а особено ги сакал жените, во кои ја пронашол својата инспирација. Имал две сопруги и четири деца, но многу љубовници, од кои само неколку му биле посебни. Според сите овие жени, неговите емоции осцилирале од извонредна нежност, сѐ до исконска омраза. „Уметноста е лага, која ни помага да ја спознаеме вистината“, е еден од неговите најпознати цитати. Пресврт во неговата кариера извршила богатата американска колекционерка Гертруда Штајн, која во почетокот во голема мера ја финансирала неговата работа, организирала изложби за него и го вовела во круговите на богатите. На Пикасо му било многу важно жените да бидат пониски од него, затоа што тој имал комплекс поради неговата висина од 163 сантиметри. Неговите современици тврдат дека имало само една жена што го напуштила, а нејзиното име било Франсоаз Жило, која Пикасо ја сметал за негова „лична муза“.