Одбраната на обвинетиот Орце Камчев истакна предлог за укинување на мерката притвор или заменување со куќен притвор, на денешното рочиште од судењето за случајот „Плацови на Водно“ кое почна со изведување на материјални докази од обвинителството, при што јавната обвинителка Лиле Стефанова презентираше нотарски заверки на документи и потврди за плаќања од извршени купопродажби.
Судијата Илија Трпков истакна дека судот ќе се произнесе за ваквото барање на крајот од денешното рочиште.
Камчев, пак, пред судот рече дека ќе избегал, доколку имал таква намера, бидејќи шест месеци имал времен пасош. Тој побара од судот да одреди разумна кауција што треба да ја достави, за да може да подготвува одбрана од својот дом. Камчев смета дека обвинителката Стефанова во сите шест барања за промена на определените мерки ги манипулира податоците, за што, посочи дека ќе има и посебна постапка против неа. Обвинетиот нагласи, дека седум месеци седи во притвор, иако понудил гаранција во пари, имот и акции.
Неговиот бранител Гоце Ристески, наведе дека за Камчев е доставена и обемна медицинска документација, за постоење на сериозни импликации за ризик од кардиоваскуларна смртност.