Тоа што го нуди новиот оддел за трауматологија во ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ наликува на условите на големите медицински центри низ Европа, нагласи премиерот Зоран Заев, изразувајќи воодушевување од она што е сработено.
– Проценките се дека во двете операциони сали ќе се изведуваат и до 2.000 операции и интервенции годишно. Дел од работата на одделото ќе биде и постојана медицисна едукација на доктори-специјалисти и доктори на специјализација од областа на ортопедијата и трауматологија, објасни Заев.
Истакна дека го радува фактот што одделот ќе профункционира во пресрет на еден од најважните датуми во историјата на Република Македонија, Денот на независноста на нашата земја, односно истовремено и на деветтиот патронен празник на болницата „8ми Септември“.
– Сите заедно ќе креираме политика за натамошно унапредување на состојбата на здравствениот систем. За остварување на таа цел секако имаме поддршка и од Европската унија, Унијата годишно издвојува 90 милиони евра. Оваа финансиска помош со зачленување на земјата во ЕУ ќе порасне неколкукратно и тогаш не само нови одделенија, туку ќе отвораме и нови болници, ќе има повеќе средства во буџетите на болниците, како и повеќе пари за современи лекови, а производ од сето тоа ќе бидат уште позадоволни пациенти, потенцираше премиерот.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека тоа е само еден дел од големите инвестиции кои Владата ги прави во здравствениот сектор во Република Македонија.
– Во овие историски моменти кога нашата земја фаќа чекор со евроинтегративните процеси имаме уверување од Европската комисија дека ќе има посебен сектор за здравство кој што ќе инвестира од 2020 или 2021 година, рече Филипче.
Директорот на ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ Христијан Костов наведе дека новиот оддел ќе биде дел од Одделот за ортопедија и трауматологија. Располага со 16 болнички кревети и во него ќе работат 14 доктори, како и како и дополнителен висок и среден медицински персонал.
На прашање на новинарите како го коментира вчерашното однесување на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, односно мавањето со фломастери пред новинарите, премиерот Заев одговори дека го осудува тој чин, коментирајќи дека веројатно го понеле емоциите, како што може да му се случи на секој човек.