КИЧЕВО
Близу 400 мотоциклисти од земјава и од странство беа дел од релито „Независност 2021“, кое се возеше низ земјава во изминатите три дена. Прекрасното време, масовното учество и немањето инциденти на мотоциклистите се трите најважни работи поврзани со ова рели.
Организаторот беше презадоволен од одѕивот на релито и од тоа како помина.
Во изминативе три дена го одржавме триесеттото јубилејно моторели. На јубилејното рели учествуваа близу 400 мотоциклисти, од кои четириесетина од странство. Како и секоја година, и годинава релито го разубавеа и повеќе учеснички на понежниот пол – рече претседателот на мотофедерацијата, Зоран Трајковски.
Тој потсети дека најстариот и најмладиот учесник на релито добиле признанија, а сите ученици на ова рели добиле благодарници.
Најмладиот учесник на годинешното рели имаше само 18 години, роден во 2003 година, момче по потекло од Македонија, кое живее во Швајцарија и вози за тамошниот клуб „Македонија“. Покрај најмладиот, на релито го прогласивме и најстариот учесник Ѓорѓи Кузманоски, кој на полни 80 години, по 26 пат е дел од ова рели. На двајцата им беа доделени пехари за најмлад и најстар учесник на релито „Независност“ – додава Трајковски.
Тој за наредните години најави уште поголемо учество на мотоциклисти од странство и зголемен број на учесници од нашава земја. Како што наведе Трајковски, ова рели е еден од најголемите промотори на убавините и туристичките можности на Македонија и затоа треба да биде поддржано од сите структури во земјава.