На летната сцена од Центарот за култура во Кичево, викендов ќе се одржи втората Рокенрол ретроспектива, со учество на кичевските рок- ветерани кои со своите бендови биле популарни пред 4-5 децении. Покрај настапите на кичевските рок ветерани на 8 септември, ден порано на истата сцена и во исто време, 20 часот, ќе настапат бендовите кои се денес актуелни и кои го претставуваат новиот музички бран во градот под Илиница.

Од рок групите на ветераните ќе настапат: Гвидони, Стил, Пацифик, Медузи и Легенда-1018, додека од групите од новиот бран на сцената ќе продефилираат Фалин, Клара, Халгут, Монументал, Каин, Инер Хеит и други.

Викендов во нашиот град ќе се одржи ретко виден музички настан насловен како Рокенрол ретроспектива-2, на кој ќе земат учество рок ветераните и музичките групи кои во градот биле актуелни во седумдесеттите и осумдесеттите години. Љубителите на рокенролот од нашиот град и гостите присутни на овој музички настан, ќе можат да уживаат во големото мајсторство на нашите сограѓани, кои доминирале на музичката сцена подолг период.

-Деновиве членови на овие групи засилено тренираат и ги увежбуваат нумерите со кои ќе се претстават пред гледачите. Интересот на нашите рок ветерани е толку голем, што има поранешни музичари чии групи не можат да се спојат и тие би сакале да се претстават пред домашната публика, како дел од некоја група која ќе биде учесник на овој музички настан. Секоја група ќе има можност во време од 30 минути да го претстави својот репертоар-рече Гоце Матески, рок ветеран од Кичево и еден од најзаслужните за организирање на овој музички настан.

Тој додаде, дека покрај настапите на рок ветераните им се дава можност и на актуелните музички групи од градот, да покажат дека иднината на рокенролот во Кичево е загарантирана.

З.А.