Австрија – Австрискиот канцелар Себастијан Курц вели дека не сака да прима нови бегалци од Авганистан и покрај тоа што земјата ја презедоа талибанците.
Во Австрија веќе има 40 илјади Авганистанци, што е втора најголема авганистанска заедница во ЕУ според бројот на популацијата во земјата.
– Нема да има такво нешто додека јас сум канцелар. Примањето луѓе што не можат да се интегрираат е огромен проблем за нас како земја – рече австрискиот канцелар.
Велика Британија – Британската армија соопшти дека седум авганистански цивили загинале во немирите во близината на аеродромот во Кабул, каде што сѐ уште владее хаос. Смртта на цивилите е предизвикана од немири во толпата, за што придонесоа и талибанците, кои пукаа во воздух за да ги заплашат и избркаат очајните луѓе што сакаа да се качат во еден од авионите, објавија медиумите што сведочеле за настанот.
САД – Американскиот Стејт департмент неодамна бил цел на сајбер-напад, на што предупредила командата за сајбер-одбрана на Пентагон.
– Од безбедносни причини, во моментов не можеме да разговараме за природата или степенот на наводните безбедносни инциденти – изјави портпаролот на Стејт департментот за Фокс њуз.
Франција – Илјадници луѓе протестираа во саботата во неколку града во Франција поради здравствените пропусници за ковид-19, кои сега се задолжителни за пристап до ресторани и кафулиња, културни и спортски манифестации и патувања. Илјадници француски демонстранти излегоа на улиците шести последователен викенд во знак на протест против здравствените пропусници наметнати од Владата, за кои тие велат дека ги загрозуваат нивните слободи.
Русија – Московската полиција приведе најмалку осуммина новинари за време на тивките демонстрации против притисокот на руското судство врз независните медиуми, јави ДПА.
Претставниците на медиумите протестираа завчера пред седиштето на домашната разузнавачка служба откако во петокот руските власти во класификацијата „странски агент“ го ставија и популарниот и независен онлајн радиодифузер „Дожд“, кој критички известува за Кремљ, додаде германската агенција.