Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, вечерва ги посети припадниците на Армијата во Оперативниот центар во селото Тработивиште, делчевско, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја од пожарите.
Припадниците на Армијата го информирале претседателот за активностите во изминатите неколку дена и нивните обврски како поддршка во гасењето на пожарите во оваа област.
– Ова што го чув последно од последниот брифинг од Армијата е дека ситуацијата е под контрола, што е добро. Јас се надевам дека и временските прилики, со помалку ветер, во наредниве денови ќе ни одат во прилог. Инаку, не можевме самостојно, не можевме тоа да го исконтролираме, Армијата беше практично ударната тупаница на здружените напори на различните институции во Северна Македонија, меѓутоа морам да кажам и да се заблагодарам и на државите кои ни помогнаа во тие заеднички напори – истакна Пендаровски.
Претседателот рече дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.
– Ние имаме околу 250 војници на Армијата, тие ќе останат тука додека има потреба, ако има потреба ќе донесеме и повеќе луѓе. Мислам дека во овој момент, во таа човечка смисла, сме добро екипирани, имаме поддршка и од други институции, се разбира, не е само Армијата, и со заеднички напори мислам дека ја држиме ситуацијата под контрола се додека тоа е неопходно – додаде претседателот Пендаровски.
Тој ја нагласи важноста од укажаната помош и поддршка од Бугарија, Словенија, Австрија и Србија. Заблагодарувајќи се и за поддршката од Европската Унија, односно, од агенцијата за цивилна заштита и за хуманитарна помош, Пендаровски истакна дека земјава, утрово, добила пристап и до заедничкиот сателитски систем на ЕУ, кој, како што кажа, значително ќе придонесе за рано предупредување од пожари во земјава.