ОХРИД
Градоначалникот Константин Георгиески заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, направи увид на пумпните станици „Љубаништа“, „Црн Дрим – Св. Наум“ и „Трпејца“, кои беа комплетно реконструирани.
Целта на оваа инвестиција е да се обезбеди поквалитетно, навремено, економично и енергетски ефикасно водоснабдување на жителите од крајбрежните села и населби, како и да се подобрат условите за сместувачките капацитети, кои гравитираат на овој дел од брегот на Охридско Езеро.
Вкупната вредност на реконструкцијата на трите водоводни постројки изнесува 4.120.000 денари, а средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во соработка со Општина Охрид и јавното претпријатие „Водовод“.
Покрај поставувањето на новите пумпи, извршена е и целосна замена на електричната и водоводната инсталација во објектите. Реконструкцијата е извршена во согласност со стандардите и одобренијата за водоснабдување. Според пресметките, со замена на пумпите, ќе се остваруваат големи годишни заштеди за потрошена електрична енергија и значително ќе се намалат трошоците за редовно одржување.
Исто така, со средства одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во износ од околу седум милиони денари, Општина Охрид започна со изработка на урбанистички планови за охридските села: Велгошти, Горно Лакочереј, Орман, Вапила, Љубаништа, Трпејца, Косел, Рамне, Сирула, Елшани, Лескоец, Опеница, Куратица, Лагадин, Долно Коњско, Долно Лакочереј, Подмоље и Горно Коњско.