ФУДБАЛ

Дефанзивецот на Франција и на Реал Мадрид, Рафаел Варан (28), е новото големо засилување за Манчестер јунајтед летово што би требало да биде уште еден поттик на надежите за освојување на титулата во англиската фудбалска Премиер-лига во следната сезона. Јунајтед се согласил да му плати на Реал за Варан почетни околу 40 милиони евра, плус дополнителни 10 милиони како бонуси, пишува весникот „Телеграф“. Варан, светскиот првак со Франција во 2018 година, би бил второ големо засилување за Јунајтед, по Џејдон Санчо, кој минатата недела го официјализира трансферот од Борусија Дортмунд вреден 85,5 милиони евра.
На Варан договорот со Реал му истекуваше следната година и откако објави дека не сака да го продолжи и оти посакува нов предизвик во Премиер- лигата, за „кралевите“ за кои одигра 350 натпревари немаше друга опција освен да го продадат. Во Јунајтед веруваат дека Варан, кој ќе биде партнер на Хари Мегваер во централната одбрана, ќе биде клучниот додаток во обидите да се прекине осумгодишното чекање на титулата. Лани Јунајтед беше втор во Премиер-лигата, со 12 поени помалку од градскиот ривал Манчестер сити.
Менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, смета дека Варан е од клучно значење во обидите да ја засили централната одбрана и со тоа да има поофанзивен среден ред. Солскјер претпочиташе два подефанзивни играчи во средниот ред на повеќето натпревари минатата сезона, но се надева дека во следната сезона ќе му биде потребен само еден дефанзивен играч за врска, промена што ќе ја овозможи брз и искусен централен бек каков што е Варан.