Во рамки на проектот „Зелена дипломатија – новото нормално“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги промовираше електричните тротинети, набавени за користење од страна на вработените во министерството, образложувајќи дека со тоа ќе дадат пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето.
– Со овој симболчен гест, министерството за надворешни работи започнува со промоција на проектот „Зелена дипломатија – новото нормално“, кој ќе се одвива во неколку етапи. Нашата визија е да станеме прва земја од регионот што ќе обезбеди одржлива работна средина не само во зградата на министерството, туку и на дипломатската мрежа. Притоа, задржувајќи висок кредибилитет меѓу вработените и партнерите, следејќи го чекорот на светот кој се движи кон поодржлива иднина – истакна Османи.
Според министерот, за секојдневни кратки дестинации треба да се обидеме, колку можеме повеќе и колку ни дозволуваат околностите, да користиме велосипед или електричен тротинет.
Со лансирањето на иницијативата за одржливости и проектот за зелена дипломатија, министерството за надворешни работи ќе се обиде да обезбеди усогласување помеѓу внатрешни процедури и надворешните пораки и активности, а со тоа да стане пример за одговорно општествено однесување.