Оксана Чусовитина имала само 17 години кога учествувала на првите Игри за неа, во Барселона 1992 година, и во текот на кариерата настапувала за поранешниот Советски Сојуз („Унифициран тим“), за Германија и за родната земја Узбекистан, под чие знаме ќе настапи летово
Чусовитина ќе настапи на осми ЛОИ
Оксана Чусовитина (46) од Узбекистан се подготвува за настап на осмите Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, што е рекордно постигнување, со што ќе стане најстарата гимнастичарка што настапила на Игрите. Чусовитина имала само 17 години кога учествувала на првите Игри за неа, во Барселона 1992 година. и во текот на кариерата настапувала за поранешниот Советски Сојуз („Унифициран тим“), за Германија и за родната земја Узбекистан, под чие знаме ќе настапи летово. Она што е речиси неверојатно е тоа дека таа држеше чекор со еволуцијата на спортот, подобрувајќи ги своите вештини, со цел да биде конкурентна и рутински да ги изведува сѐ потешките вежби.
Таа се натпреварува на глобалната сцена речиси три цели децении по дебито на Игрите во 1992 и според неа се именувани пет вежби или вештини, во Кодексот на поени за уметничка гимнастика за жени. Чусовитина е позната првенствено како специјалистка во дисциплината прескок, во која има освоено 11 медали на светските првенства. На 33 години, таа се закити и со сребрен медал на Игрите во Пекинг во 2008 година. Со текот на годините имаше многу промени во нејзиниот спорт, технички и други, поради што и таа мораше да се менува и да се подобрува: „Јас станував подобра, како добро вино“. Освен тој сребрен медал во Пекинг, Чусовитина освои злато во екипна конкуренција во 1992 година.
– Мислам дека сум еден од пионерите што ѝ кажува на секоја жена дека може да биде жена, да биде ќерка, да биде мајка и да биде олимписки спортист и олимписки медалист. Сѐ е можно, возраста е само бројка – вели таа.
Според „Бличер рипорт“, Чусовитина ќе го надмине Французинот Лисиен Демане, кој се натпреварувал на Игрите во 1920 година, на 45-годишна возраст. Во Токио се очекува да настапи и 40-годишниот Романец, Маријан Драгулеску, на партер. За овие Игри, Чусовитина вели дека ќе ѝ бидат последни.
– Моето тело и ум го чувствуваат тоа и знам, првпат во мојот живот, дека е време да се повлечам – изјави таа за списанието „Инсајд гимнастикс“.