Пожарите се шират низ западниот дел на САД, кој е под влијание на топлотниот бран со рекордни температури во некои области, а пожарникарите имаат проблем со гаснењето на пожарот од авион, бидејќи водата испарува пред да ја допре земјата поради големата топлина.

Властите наредија евакуација на населението од погодените области, а пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот под исклучително тешки услови.

Во саботата, двајца пожарникари во Аризона загинаа кога нивниот авион се урна при обид да го изгасне огнот. Во Лас Вегас беше постигнат температурен рекорд од 47,2 степени.

Противпожарните екипи кои се борат со пожарот велат дека воздухот е толку сув што водата испуштена од авионот за гаснење на огнот испарува пред да ја допре земјата.

Жешкиот топлотен бран се приближува до рекордните температури трет ден по ред, па така во неделата во пустината Долина на смртта во Калифорнија беа забележани 54 степени, што беше едно од најтоплите места на планетата.

Термометарот пред центарот на Фрнас Крик покажа 56,6 степени во неделата околу 16 часот по локално време, додека во саботата Националната метеоролошка служба на САД измери 54,4 степени.