Талентираниот македонски тенисер Калин Ивановски (17) не успеа да се пласира во полуфиналето на гранслем-турнирот Вимблдон во јуниорска конкуренција, откако загуби од седмиот носител Џек Пинингтон Џонс со 5-7 и 0-6 по сетови.
Мечот на теренот број 3, траеше 63 минути. Завршницата на првиот сет го одреди понатамошниот тек од мечот. Џонс успеа да направи брејк во 11-от гем, а Ивановски во наредниот Ивановски не успеа да возврати со рибрејк, иако имаше шанса.
Џонс на почетокот од вториот сет направи брејк, за потоа без потешкотии да го освои својот сервис, и со нов брејк дојде до значителна предност од 3-0 во гемови.
Во последниот поен од третиот гем, Ивановски се повреди. Се пожали на болки во колкот и препоната. Доби медицинска помош, не сакаше да се откаже, иако не можеше добро да се движи. Џонс потоа доби уште три гема и се пласираше во полуфиналето.
На крајот, покрај повредата со која се соочи Ивановски, победникот го решија неизнудените грешки. Ивановски направи 17 повеќе од противникот (25/8). Двајцата има по 14 директни поени.