Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека проектот за брз автобуски превоз во Скопје ќе предизвика сообраќаен хаос.

Во реакција, партијата наведува дека идејата на градоначалникот Шилегов оти ќе го сочува зеленилото при изградба на таканаречениот БРТ превоз не соодветстува со реалноста, и е уште еден маркетиншки трик.

– Два метра под моменталните дрвја, оди главната водоводна цевка за Скопје и при откорнување на дрвјата може да дојде до нејзино оштетување и пукање. Така откорнатите дрвја ќе се уништени и за ново зеленило ќе треба да се купуваат нови дрвја – смета ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата е децидна дека зелените коридори кои сега ги најавува Шилегов ќе се направат сообраќаен хаос во градот Скопје.

Најголем проблем, според партијата, е претоварањето на патниците кои ќе одат на дестинации кои не се опфатени со линијата на БРТ, бидејќи на линијата по коловозните ленти по кои ќе се движи БРТ нема да можат да се движат други автобуси.

Според ВМРО-ДПМНЕ , дополнително неуко е зголемено растојанието на автобуските станици, и се организира превозот како Скопје да е полунаселен град.

– Со вака поставен систем се создава проблем и при излегувањето и влегување на патниците во автобусите на БРТ имено кога ќе излегуваат од автобуската станица мора да има надпатници, за да можат да поминат на пешачка зона. Системот за сообраќање на БРТ автобусите е неефикасен затоа што автобусите ќе се движат на секој 3 минути со што во голем дел од временските интервали по шпиците ќе бидат празни и ќе оперираат со мал број на луѓе – се додава во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека овој проект е многу скап за град Скопје. Велат дека системот е неосмислен и набрзина изведен без да се земат во предвид сите други фактори кои влијаат во сообраќајното уредување на градот.

Опозицијата му порача на Шилегов овој проект да не го почнува на крајот на мандатот.