Данска е најбогатата европска земја според просечното богатство на нејзините граѓани. Последните податоци од данската центарална банка покажуваат дека семејствата во Данска имаат најголеми просечни залихи на готовина и пензиски заштеди.
Данците, сметано по глава на жител, според овие податоци имаат околу 1,3 милиони круни (170 илјади евра) финансиски имот, што е повеќе од двојно од просекот на ЕУ – и тоа откако од имотот ќе се одземат долговите.
По Данска, со просечен нето финансиски имот вреден 211 илјади долари е Холандија, потоа Шведска, Луксембург, Белгија и Франција. Данска е на прво место иако во исто време го држи и светскиот рекорд во негативни каматни стапки, откако централната банка за првпат ги воведе во 2012 година, пишува Блумберг.
Меѓу најсиромашните земји во Европа се вбројуваат Хрватска која е петта најсиромашна со просечен нето финанскиски имот вреден само 17,1 илјади долари. Под неа се наоѓаат Полска, Бугарија, Словачка и Романија, во која нето просечниот имот е само 8,9 илјади долари.
Камила Пулсен, економистка од Nykredit Wealth Management во Копенхаген за Блумберг изјави дека данското прво место има многу врска со одлуките, донесени пред неколку десетлетија, за воведување на програмата за пензиско штедење кое започнува веднаш при вработувањето.
Сепак, данските домаќинства, од друга страна се и меѓу најзадолжените во Европа со кредити примарно во форма на станбени хипотеки.
Според податоците на централната банка, долговите по жител во Данска изнесуваат околу 560 илјади круни (55.000 евра) во просек, што е втор најголем износ на долгот после Луксембург.