Управата за јавни приходи преку проектот МојДДВ на 399.000 корисници од различна возраст, во изминатите две години им исплати над две милијарди денари, односно 36,3 милиони евра, како дел од ДДВ искажано во фискалните сметки. Ова го истакна на прес-конференција Мелиса Ценовска Серафимовска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

– Во првата година преку МојДДВ, вратени се над 670 милиони денари, а во втората година од повратот на ДДВ преку скенираните фискални сметки, назад кај граѓаните завршија 1,5 милијарди денари. Во првото тримесечје од оваа година на граѓаните им се исплатени речиси 414 милиони денари. Зголемувањето на бројот на корисници на апликацијата МојДДВ само покажува дека ова е еден од најдобрите и најуспешните проекти на владата предводена од СДСМ – изјави Ценовска Серафимовска.
Како што додаде, граѓаните веќе со сигурност знаат дека на секои три месеци на нивните трансакциски сметки се исплаќа повратот на ДДВ-то, но знаат и дека со тоа даваат свој придонес во борбата против сивата економија.