Во групната фаза и во осминафиналето видовме многу квалитетни, возбудливи и резултатски неизвесни мечеви. Очекувам така да продолжи и во следните натпревари, ништо не би ме изненадило кога станува збор за тоа кој ќе игра во финалето и кој ќе победи, вели истакнатиот македонски тренер Ѓоре Јовановски

ОД СТРУЧЕН АГОЛ

Пријатно сум изненаден од квалитетот на прикажаната игра во досегашниот тек на ЕП. Речиси сите репрезентации покажаа, како со игрите така и со резултатите, дека заслужено се на финалниот турнир.
Потврда за тоа е пласманот на некои меѓу најдобрите осум, како третопласирани во групите (Швајцарија, Чешка, Украина, н.з.), како и елиминациите на некои од фаворитите, на пример Португалија, Франција, Германија. Имаше многу израмнети натпревари во групната фаза, а кулминацијата следуваше во осминафиналето, во кое видовме многу квалитетни, возбудливи и резултатски неизвесни мечеви.
Очекувам така да продолжи и натаму, ништо не би ме изненадило кога станува збор за тоа кој ќе игра во финалето и кој ќе победи. Италија и Англија играат добро, цврсто, компактни се, Белгија исто така, па и Чешка, Данска, никој не се издвојува, сѐ е подредено на тимската игра. За мене по малку изненадувачка е играта со тројца играчи во задната линија, со бекови-крила, што ја форсираат Англија, Германија и други репрезентации.
Очигледно е дека селекторите можат да ги менуваат формациите затоа што на располагање имаат врвни играчи што се употребливи на повеќе позиции, помагаат при нападите и умешно се бранат. Не навивам за ниедна репрезентација, навивам за добар, квалитетен фудбал каков што гледавме досега и посакувам така да биде до крајот, вели Ѓоре Јовановски, поранешен фудбалер на Вардар и на Црвена звезда, поранешен селектор на Македонија и истакнат тренер на повеќе македонски и странски екипи.