Тел Авив – Израелското министерство за одбрана и компанијата „Елбит системс“ развиваат воздушно ласерско оружје за соборување беспилотни летала и други летачки објекти, соопштија официјалните лица, предвидувајќи дека прототипот ќе биде готов до 2025 година. Наведено е дека сѐ уште неименуваното ласерско оружје ќе биде вклучено во израелската противвоздушна одбрана, во која е вклучена и „Железната купола“, систем за соборување ракети со краток дострел и други системи за одбрана од балистички ракети.
Манила – Филипинскиот претседател Родриго Дутерте им се заканува со затвор на граѓаните што одбиваат да се вакцинираат против ковид-19, додека неговата земја води голема битка со коронавирусот и има над 1,3 милион заразени и над 23.000 мртви. Забелешките на Дутерте се во спротивност со наводите на филипинските здравствени власти, кои соопштија дека иако се охрабруваат луѓето да се вакцинираат, сепак тоа е на доброволна основа.
Москва – Американскиот амбасадор Џон Саливан ќе се врати во Москва оваа недела, два месеца по напуштањето на функцијата во услови на влошување на односите меѓу САД и Русија, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс. По нивниот самит на 16 јуни во Женева, претседателот Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин објавија дека нивните амбасадори наскоро ќе се вратат во своите мисии во обид да ги намалат тензиите.
Вашингтон – Комитетите за домашна безбедност и за владини работи на Сенатот, денеска ќе расправа за тоа дали ќе му се даде статус на државност на Вашингтон ДЦ. Градоначалникот на Вашингтон, Муриел Боусер, гласен поддржувач на државноста, треба да сведочи заедно со Марк Моријал, претседател и извршен директор на Националната урбана лига, како и неколку правни експерти.