Со по 3-0 славеа двете единствени селекции што остварија по 10 победи на 10-те меча во квалификациите за ЕП 2020
Белгија, прворангираната репрезентација на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во голем стил го почна Европското првенство (ЕП) 2020. Белгијците, кои постигнаа 40 гола во квалификациите, најмногу од сите, ја совладаа Русија со 3-0, во Санкт Петербург. Два гола постигна Ромелу Лукаку, кој првиот му го посвети на својот соиграч од Интер, Кристијан Ериксен, извикувајќи „Крис, Крис, те сакам“ пред телевизиската камера. По натпреварот, поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед изјави дека плачел кога слушнал што се случило со Ериксен.
– Бев исплашен. Имавме многу убави моменти заедно. Поминав повеќе време со него отколку со моето семејство. Беше тешко да се игра мечот. Се надевам дека тој е ќе оздрави и јас му го посветувам овој настап нему – изјави Лукаку за ИТВ.
Лукаку стигна до бројката од 62 гола на 94 настапи за Белгија. Од тие 62 гола, 20 постигна на претходните 15 официјални натпревари.
Италија беше супериорна во дуелот против Турција (3-0), пред 15.000 гледачи во Рим, воведен на 16. ЕП, и најави дека е сериозен кандидат за освојување на шампионската титула. Белгија и Италија во квалификациите единствени забележаа само победи (10 од 10). Италија ја продолжи серијата од 28 меча без пораз (23 победи и пет ремија), која почна во септември 2018 година и само еднаш имала подолга таква серија, 30 натпревари без пораз помеѓу ноември 1935 и јули 1939 година.
Италијанските медиуми во суперлативи пишуваа за победата на својата репрезентација. „Вака ве сакаме“, беше насловот во „Тутоспорт“. „Газета дело спорт“, пак, ја повикува Италија да се радува.
– Сѐ почна во автобусот кон стадионот. Ги гледавме навивачите и од тоа сите се наеживме. Одигравме совршен натпревар. Бевме трпеливи и добро ја движевме топката – изјави Леонардо Спинацола, играчот на натпреварот.