Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека пазарите ќе доживеат крах, ако тој биде отстранет од функцијата.
– Не знам како можете да смените некој кој добро работи. Дури и ако би бил сменет ќе се урнат пазарите. Сметам дека потоа сите ќе бидат многу сиромашни, изјави Трамп во интервју за Фокс њуз.
Тој ги спомна и своите економски достигнувања и тврди дека американската економија би доживеала пад ако тој не беше избран за претседател на САД.
– Јас се ослободив од бројни регулации, даночната реформа беше одлична равота. Но, и пред даночните олеснувања, уште првиот ден јас се ослободив од прописите. Одобрив изградба на гасовод, отворив 48.000 работни места. Направив многу, посочи Трамп.
Изјавата на Трамп уследи откако неколку конгресмени од Демократската партија побара да се покрене импичмент, бидејќи сметаат дека американскиот претседател е вмешан во кривично дело со тоа што неговиот адвокат Мајкл Коен ги исплати Сторми Данијелс и Карен Мекдугал.
Коен призна дека му дал пари на Данијелс и Мекдугал за да молчат за наводните афери со Трамп бидејќи тоа би му наштетило за победа на претседателските избори во 2016 година.
Трамп го обвини Коен дека го вмешал и него во тој случај за да добие помала казна. Но, американскиот претседател вчера изјави дека парите не биле земени од претседателската кампања туку биле лично негови.
Федерален суд во Њујорк му одреди кауција од 500.000 долари на Коен, кој се изјасни како виновен по осум обвиненија.
Коен беше обвинет за даночна и банкарска измама, како и за кршење на правилата за финансирање на изборни кампањи, поврзано со случаите во кои им давал пари на жени со кои Трамп имал љубовни врски да молчат пред јавноста. Обвинителството ова го гонеше како кршење на законите за предизборна кампања бидејќи јавните настапи на овие жени можеа да влијаат врз кампањата на Трамп.
Коен се соочува со казна затвор од четири до пет години, а спогодбата што ја постигнал со Обвинителството е во насока на тоа да добие помала казна.
Во својот исказ тој потврди дека Трамп му наложил од свој џеб да им даде пари на порно актерката Сторми Данијелс и „зајачицата“ на „Плејбој“ Керен Мекдугал, за што подоцна добил пари од Трамп. Првата жена добила 130.000 долари за да молчи за врската со Трамп, а втората ја продала својата приказна на списанието „Нешнл Инквајерер“ во пресрет на изборите во 2016 година, но Трамп и Коен влијаеле таа да не биде објавена.