Под покровителство на Владата денеска се одржа панел дискусија за родова еднаквост во фудбалот.
На овој настан зедоа учество и се обратија Горан Пандев, фудбалер, Силвија Митевска, советничка за спорт на претседателот на Владата, Вики Чадиковска, маркетинг директорка на државна видео лотарија на Македонија, Ангела Рајчевска, фудбалска судијка и Александра Ристовска, фудбалерка.
„Настанот има за цел да ја подигне свеста за значењето, за постигнување родова еднаквост во фудбалот и да ја пренесе пораката дека родовата еднаквост во спортот е еден од приоритетите на Владата на кој интензивно се работи, меѓу кои од посебно значење е борбата против стереотипите во фудбалот, и во спортот воопшто“, соопшти владината прес-служба.
Капитенот на фудбалската репрезентација, Горан Пандев силно ја поддржа оваа иницијатива и заложбата на Владата за постигнување и реализирање на родово-еднакви политики во фудбалот.
Тој истакна дека еден од предизвиците е менталитетот и ниската свест за фудбалот како спорт во кој еднакво можат да учествуваат девојчиња и момчиња.
Направи споредба и со европските држави, поточно со Италија каде веќе долго живее и работи, каде што во фудбалот во женските лиги значително се инвестира.
Пандев додаде дека натпреварите во женска категорија се застапени во медиумскиот простор, и дека тоа помага при креирање перцепцијата дека фудбалот не е доминантно машки спорт.
Тој истакна дека е свесен за тешкотиите со кои се соочуваат женските фудбалски клубови и повика заеднички да најдеме решение за надминување на родовата дискриминација во сите спортски области.