Реките околу бразилската амазонска метропола Манаус достигнаа рекордни нивоа и предизвикаа поплави по обилните дождови.
Рио Негро, која се влева во Амазон во близина на Манаус, го забележа највисокиот водостој од 1902 година, со ниво на водата од 29,98 метри, објави во вторникот мрежата Г1.
Нивото на реката се искачи на 29,97 метри во големата поплава од 2012 година. Нивото означено како „сериозна поплава“, од страна на властите, е поставено на 29 метри, а овој пат се очекува висината на водата да надмине 30 метри.
Погодени се повеќе од 24.000 семејства и 15 области на Манаус, а многумина морале да ги напуштат своите домови, пренесува Г1.
Повеќе од 9.000 метри дрвени мостови, познати како маримба, се изградени во најтешко погодените области.
На фотографии кои ги објавуваат локалните медиуми се гледа како луѓето одат преку нив, а некои се фотографираат покрај надојдената река.
Делови од пристанишната област и историскиот центар на Манаус се под вода. Вода влегла и во продавниците и го поплавила главниот пазар.
Кај некои жители кои останале во своите домови, рибите буквално допловиле во нивните кујни, пренесува Г1.
Поплави ја погодија речиси целата сојузна држава Амазон.
60 од 62 општини пријавиле штети, а погодени се околу 450.000 луѓе. Реката Амазон исто така ги достигна највисоките нивоа на водостој во градовите.