ИН МЕМОРИАМ

Македонскиот ракомет викендов го зави во црно веста за трагичната смрт на младиот и талентиран 24-годишен голман на Охрид и повремен македонски репрезентативец Никола Даниловски- Џамбо. Даниловски потекнуваше од ракометната школа на Металург (генерација 1997), во која беше дел од сите старосни категории до 2019 година, кога како дел од сениорскиот тим на Металург го освои Купот на Македонија. Неговиот талент и квалитет не останаа незабележани ни од македонските ракометни селектори. Даниловски беше дел и од сите репрезентативни селекции на Македонија, а и од младинската репрезентација на Македонија што го освои шестото место на Светското првенство во Алжир во 2017 година. На последните неколку собири, Даниловски беше во сениорската репрезентација на Македонија. Последните две сезони Џамбо ги бранеше боите на Охрид, а претходно една сезона беше дел од тимот на Еурофарм Пелистер.
Погребот ќе биде извршен денеска, во 11 часот, на градските гробишта Бутел во Скопје.
По трагичната вест што викендов го потресе ракометниот свет на Балканот, за прерано загубениот живот на младиот и талентиран ракометен голман на Охрид Никола Даниловски-Џамбо, последен поздрав за поранешниот соиграч и пријател на социјалните мрежи упатија голем број ракометни работници, клубови, ракометари, ракометарки…

„Во Автокоманда ќе живееш вечно!“, порачаа од Металург и додадоа: „Ракометното срце денес е скршено. Клубовите се завиени во црно, по трагичната вест што дојде од Охрид. Македонија тагува за загубата на младиот Никола Даниловски-Џамбо, чиј живот заврши трагично и прерано. Како производ на школата на Металург, Даниловски овде го помина најголемиот дел од својата ракометна кариера и настапи во сите старосни категории во нашиот клуб, чии бои последен пат ги бранеше во 2019 година. Сочувство до семејството, нашите мисли денес се со вас“.
„Засекогаш ќе бидеш еден од нас“, стои во последниот поздрав упатен од ракометниот клуб Охрид.
„Со голема тага и неверување му испраќаме последен поздрав на репрезентативецот Никола Даниловски. Почивај во мир, сочувство до семејството“, порачаа од Ракометната федерација на Македонија.
„Со тешко срце упатувам последен поздрав до мојот млад колега, ракометар со голема трага зад себе, бедем пред голот, Никола Даниловски, кој нѐ напушти прерано. Во неговите само 24 години, Никола направи многу и за спортот, но и за многу млади луѓе на кои им беше пример. Поттикнати од неговите успеси и љубов кон ракометот, младите избираа спорт. Беше вистинска карпа пред голот, а честа да биде дел од нивниот тим ја имаа ГРК Охрид, РК Металург, РК Пелистер. Прерано згаснатиот живот на Никола е голема трагедија. Од мое лично име и од името на Агенцијата за млади и спорт упатувам искрено сочувство до семејството. Нашите мисли и молитви се со вас. Никола, почивај во мир“, напиша првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

„Со голема тага и неверување ја примивме веста за прераното заминување на репрезентативецот и голман, 24-годишниот Никола Даниловски. РК Струга изразува сочувство до семејството, пријателите и до соиграчите од екипата на ГРК Охрид“, стои во последниот поздрав упатен од тимот на Струга.
„Почивај во мир, спортски пријателе“, беше пораката упатена од ракометниот клуб Вардар.
„Почивај во мир Никола Даниловски, ќе останеш во вечно сеќавање…“, порача ракометниот клуб Кисела Вода јуниор.
„Со голема тага и неверување ја примивме веста за прераната смрт на 24-годишниот голман на Охрид, Никола Даниловски. Ракометниот клуб Бутел Скопје упатува сочувство до неговото семејство, неговите пријатели и до ракометниот клуб Охрид“, се вели во пораката упатена од ракометниот клуб Бутел.