До крајот на овој месец 300 милиони дози ќе бидат доставени до Европската Унија, ќе бидат инјектирани 245 милиони дози, а оваа недела половина од возрасната популација ќе ја прими првата доза на вакцината, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според документот презентиран од Комисијата пред лидерите на ЕУ собрани на самитот во Брисел, ЕУ очекува до крајот на септември милијарда дози од четири фармацевтски компании – Фајзер/Бионтек, Џонсон и Џонсон, Астразенека и Модерна.
Тоа значи дека до крајот на септември ќе има доволно дози за целосно вакцинирање на целото население на ЕУ, или 450 милиони луѓе. Претходно, Комисијата ја спомена целта да се вакцинираат 70 проценти од возрасната популација до крајот на летото, а подоцна тој рок беше префрлен на почетокот на летото. Сега излезе дека целото население може да се вакцинира до крајот на летото.
Бројот на испорачани дози може да биде уште поголем ако германската компанија „КуреВак“ и француската „Санофи“, со која Комисијата исто така потпиша договори за испорака на стотици милиони дози, успеат да ги развијат своите вакцини и да добијат одобрение од Европската агенција за лекови. Најголем број на дози во втората половина на годината се очекува од „Фајзер“ и „Бионтек“, кои ќе испорачаат околу 40 проценти од вкупниот број на дози.
Според нацрт-заклучоците од самитот што лидерите треба да ги прифатат, ЕУ е подготвена да донира најмалку 100 милиони дози на посиромашните земји до крајот на оваа година, како дел од меѓународната иницијатива Ковакс. Само трите најголеми земји, Германија, Франција и Италија ветија 75 милиони дози.