Муслиманите во земјава, како и во целиот свет, денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.
Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина.
Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.
По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.
Честитка по повод празникот стаса и од претседателот на државата Стево Пендаровски кој меѓу другото потсетува на значењето на соживотот, толеранцијата и на меѓусебното разбирање во нашата заедничка татковина.
– Да останеме сплотени и заедно да придонесуваме за благосостојбата на сите наши сограѓани без разлика на нивната верска, етничка или каква било припадност, градејќи праведно општество и просперитетна Република Северна Македонија – вели во празничната честитка претседателот Пендаровски.
Честитка по повод Рамазан Бајрам и од премиерот Зоран Заев.
– Во овие тешки мигови за човештвото, светите празници како што е Рамазан Бајрам, носат надеж за нов почеток и ја поттикнуваат вербата на луѓето во доброто, вистината и правдата – напиша премиерот Заев.