Во првите мечеви од полуфиналето, Реал Мадрид го пречекува Челси, а ПСЖ игра дома со Манчестер сити

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

По минатата, турбулентна недела, во која главна тема беше најавата за формирање суперлига со 12 клуба, која по многуте критики доживеа колапс, неделава на програмата се првите два полуфинални дуели во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ).
Најтрофејниот, со 13-те титули, Реал Мадрид во првото полуфинале по 2018 година, кога последен пат беше првак, го пречекува Челси. Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, со „кралевите“ веќе освои три титули, во 2016, 2017 и во 2018-та, и една како играч, во 2002 година. На шесте претходни меча, Реал Мадрид победи трипати, а трипати ремизира.
Томас Тухел го прероди Челси од доаѓањето во јануари и настапот во финалето, второ по ред по она лани со ПСЖ, ќе биде големо постигнување. Челси игра „цврсто“, затворено, тешко прима голови, забележа четири победи и две ремија на претходните шест натпревари, и ќе му биде тежок ривал на Реал Мадрид.
Ланскиот финалист ПСЖ, предводен од Маурисио Почетино, на крилјата на елиминацијата на Баерн, од кого загуби во финалето (0-1) во 2020 година, ќе се обиде да помине уште еден тежок ривал, Манчестер сити, на чија клупа е Пеп Гвардиола. За Манчестер сити ова е второ полуфинале во ЛШ (претходно во 2016 година).


ПОЛУФИНАЛЕ

Реал Ма. – Челси вторник, 21 ч.
ПСЖ – Манчестер с. среда, 21 ч.
реваншите се на 4 и на 5 мај